Свет
По средбата со Лукашенко, САД ги укинуваат санкциите за белорускиот калиум карбонат
Соединетите Американски Држави ги укинуваат санкциите против белорускиот калиум карбонат, кој е широко користен во земјоделството за исхрана на различни култури, се вели во изјава на специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп, Џон Коул. Ова е соопштено по дводневните разговори во Минск на Коул и белорускиот претседател Александар Лукашенко.
– Во согласност со инструкциите на претседателот Трамп, САД ги укинуваат санкциите против (белорускиот) калиум карбонат. Сметам дека ова е многу добар чекор од страна на САД кон Белорусија. Веднаш ги укинуваме, изјави Коул. – Со нормализирањето на односите меѓу двете земји, ќе бидат укинати и други санкции, додаде специјалниот пратеник на САД.
Коул, исто така, изрази надеж дека во иднина Вашингтон и Минск ќе дојдат до точка кога ќе бидат укинати сите санкции.
Американскиот претставник ги оцени разговорите со Лукашенко како исклучително продуктивни, при што двајцата разговарале за широк спектар на прашања, вклучувајќи ја „војната меѓу Украина и Русија, како и Венецуела“.
– Разговаравме за иднината. За тоа како да продолжиме по патот на зближување меѓу САД и Белорусија, со цел да ги нормализираме односите. Тоа е нашата цел, посочи Коул.
Тој ги истакна и блиските односи меѓу Лукашенко и рускиот претседател Владимир Путин во контекст на војната во Украина.
– Вашиот претседател има долга историја со претседателот Путин и има можност да го советува. Ова е многу корисно во оваа ситуација. Тие се долгогодишни пријатели и ги имаат неопходните односи за да разговараат за такви прашања, рече американскиот пратеник.
Коул, кој минатиот месец беше назначен за специјален пратеник на Трамп во Белорусија, е задолжен од претседателот да преговара и за ослободување на над 1.000 политички затвореници во поранешната советска република, која е близок сојузник на Русија
декември 14, 2025


