Вести
Во судскиот процес за изградбата на новиот објект за театар и библиотека во Тетово презентирани писмените докази на Обвинителството
Со читање на списокот со докази денеска во Основниот суд Тетово продолжи главната расправа во рамки на судскиот процес по поднесениот обвинителен предлог за повеќе кривични дела поврзани со изградбата на новиот објект за потребите на тетовските театар и библиотека за што се обвинети четворица луѓе и едно правно лице.
За денес беше предвидено и сослушување на вешти лица кои изготвиле вешт наод и мислење, но тоа не се случи поради нивно отсуство за кое судијата Елведин Ферати рече дека го оправдале со известување до судот. Воедно тој информираше дека поради известувањето на вештите лица нема да има рочиште на однапред предвидениот термин 30 декември 2025 туку на следниот термин 20 јануари 2026 година во 10 часот.
На почетокот на судењето на 25 ноември обвинетите истакнаа дека не се чувствуваат виновни.
Обвинети се Сејди Шасивари, сопственик и управител на обвинетото правно лице од Тетово Урбан План Констракшн, Хаки Фазлиу, тогашен директор на Националната установа – Центар за култура „Иљо Антески-Смок“ – Тетово, Артан Арслани претседател на Комисијата за јавни набавки, а потоа и ВД директор на Центарот за култура, како и Бајрам Муча, како главен надзорен инженер во правно лице ангажирано како надзорен орган при спроведување на договорот за јавна набавка од 2015 – 2020 година.
Според Обвинителството, првообвинетиот Шасивари и второобвинетото правно лице сториле продолжено кривично дело – Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство од чл. 275-в од Кривичниот законик. Обвинетите Фазлиу и Арслани сториле продолжено кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување, додека обвинетиот Муча сторил продолжено кривично дело кривично дело Несовесно работење во службата.
Почетокот на судскиот процес беше закажан прв пат на 14 јули и од тогаш се одложуваше за 17 септември, 8 октомври и 25 ноември
декември 11, 2025


