Вести
Тошковски во Брисел: Македонија ја потврдува посветеноста во борбата против криумчарењето мигранти
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска во Брисел учествуваше на Втората меѓународна конференција на Глобалната алијанса за борба против криумчарењето мигранти – значаен светски форум кој ги обединува партнерите во справувањето со еден од најсериозните транснационални безбедносни предизвици.
Како што информира МВР, во име на Македонија, министерот Тошковски ја поддржа Заедничката декларација на Алијансата, со што државата уште еднаш ја потврдува својата цврста посветеност на засилената превенција и поефикасен институционален одговор на криумчарењето мигранти. Ова, како што се наведува, претставува важна потврда за улогата на Македонија како активен и доверлив партнер во глобалните напори за борба против организираниот криминал.
Во рамки на конференцијата, министерот Тошковски остварил билатерална средба со европскиот комесар за внатрешни работи и миграција Магнус Брунер.

– Разговорите беа фокусирани на процесот на европска интеграција на Македонија, како и на важноста од координирани европски политики во делот на управувањето со границите, стои во соопштението.
На маргините на конференцијата министерот Тошковски се сретнал и со Сузане Раб, новоизбран генерален директор на Меѓународниот центар за развој на миграциска политика (ICMPD), со која разговарал за актуелните миграциски предизвици и можностите за продлабочување на идната соработка.
Министерот Тошковски остварил и средба со министерот за внатрешни работи и контрола на наркотици на Пакистан, Мохсин Раза Накви.

На средбата било разговарано за зајакнување на билатералната безбедносна соработка, која во наредниот период треба да се формализира преку потпишување Меморандум за разбирање помеѓу двете министерства.
МВР информира дека учеството на Македонија во работата на Глобалната алијанса за борба против криумчарењето мигранти уште еднаш ја нагласува улогата на државата како активен и кредибилен партнер кој придонесува кон европската и глобалната безбедност.
декември 11, 2025


