Connect with us

Вести

Конференција: Во борбата против корупцијата недостасуваат суштински реформи и интегритет на институциите

И покрај бројните преземени активности, на земјата сè уште ѝ недостасуваат суштински реформи кои би донеле позитивни промени во борбата против корупцијата, додека интегритетот на институциите останува на ниско ниво, е пораката од конференцијата „Интегритетот како алатка во борбата против корупцијата“ која се одржа по повод одбележувањето на Меѓународниот ден за борба против корупцијата.

Главниот државен ревизор, Максим Ацевски, потенцираше дека највредна е превентивната активност и изнесе конкретни бројки за соработката со Јавното обвинителство.

-Согласно податоците со кои што располагаме во нашата институција за годишната програма за работа за 2024 година, доставени се 40 конечни ревизорски извештаи до Јавното обвинителство, од кои 37 се прифатени. Тоа значи 93% точност или квалитетна работа на Државниот завод за ревизија, прифатена од страна на Јавното обвинителство, информираше тој.

Од аспект на интегритетот, како што дополни, треба да зборуваме за она што значи колку сме транспарентни, колку сме отчетни и колку сме одговорни во своето работење. 

-Значи, ако претпоставуваме и имаме сомнежи дека имаме можност да злоупотребиме одредени парични средства или средства на даночниот обврзник, треба да преземеме соодветни контролни активности, кои тие контролни активности ќе сведат корупцијата на прифатливо ниво. Ниту една држава, ниту нашата држава може да каже дека не постои корупција, но и сите нашите активности треба да бидат сведени на она што значи прифатливо ниво на корупција. Се надевам дека имаме политичка желба како држава да се справиме со превенцијата. Треба да градиме добри човечки ресурси и треба да вложуваме во знаењата и вештините на вработените, вклучувајќи ги и вработените во Државниот завод за ревизија. И она што е сега со именувањето на новиот претседател на Државната комисија за спречување на корупција, очекувам иста соработка со Државниот завод за ревизија, како што е соработката со Јавното обвинителство, дополни Ацевски.

Претседателот на ДКСК, Адем Чучуљ, ја нагласи потребата од координиран пристап.

-Сакам јасно да упатам апел од страна на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) дека корупцијата останува еден од најголемите проблеми во нашето општество. Ние, како институција, ќе вложуваме напори во наредниот период за зајакнување на системот на интегритет во сите институции, бидејќи само преку силни институции можеме да излеземе на патот на корупцијата. Корупцијата е проблем кој нè засега сите нас, оттаму повикуваме на заедничка акција во борбата против корупцијата, со вклученост на сите чинители: обвинителството, другите надлежни органи, Владата, Собранието, Државната комисија, медиумите, граѓанскиот сектор, со заеднички напори, бидејќи само со координирана борба можеме да излеземе на патот на корупцијата, рече Чучуљ.

Претседателот на Транспаренси Интернешнл-Македонија, Благоја Пандовски, упати критика за моменталната состојба со корупцијата, повикувајќи се на меѓународните извештаи и актуелните настани.

-Последниот извештај, Индексот за перцепција на корупција, кој Transparency International секоја година го објавува, покажа дека и оваа година сме далеку под 50. место, што е минимум гаранција кога се однесува за борбата против корупцијата, минимум 50 поени кои гарантираат некаква борба против корупцијата. Генерално сите институции се наоѓаат во една хипокризија, тргнувајќи од недовербата во системот на институциите. Сведоци сме на запрепастувачките и уништувачките последици на корупцијата. Последниот случај, дискотеката во Кочани е само еден од случаите каде што се кажува јасно дека корупцијата, покрај другото… може и да убие, рече Пандовски.

На новинарско прашање во врска со обвинувањата од СДСМ против Ивица Томовски, претседателот на ДКСК Чучуљ потврди дека до Комисијата е доставена пријава од партијата, по што е оформен предмет. Тој најави дека на наредниот колегиум ќе се дискутира и ќе се оценува дали има основа за отворање постапка.

-Мора да ги видиме сите околности на случајот… треба да се утврди фактичката состојба: чија е фирмата, историјатот на фирмата и во која институција има добиено тендер, истакна Чучуљ.

Ad 4
Маркетинг
Маркетинг
Ad 4
Ad 3