Хроника
Четворица приведени за безобѕирно возење во Куманово
Четворица кумановци „безобѕирно управувале со моторно возило, двајца од нив возеле под дејство на алкохол, двајца возеле брзо и над дозволената граница, соопшти денеска кумановската полиција.
-Вчера во 14:20 часот во село Доброшане, кумановско, полициски службеници од СВР Куманово го лишиле од слобода В.Н.(44) од Куманово. При контрола во сообраќајот со радар, полициските службеници констатирале дека управувал патничко возило „цитроен“ со кумановски регистарски ознаки со брзина од 104 километри на час на место каде со сообраќаен знак максимално дозволената брзина е ограничена на 40 километри на час, се наведува во соопштението.
Претходно, во 07:55 часот на улица „11 Октомври“ во Куманово полицијата го уапсила деветнаесетгодишниот А.Г.(19) од село Романовце. Службениците со радар, констатирале дека возел патничко возило „фолксваген голф“ со кумановски регистарски ознаки со брзина од 91 километри на час на место каде исто така дозволената брзина е ограничена на 40 километри на час.
Вчера, во 01:46 часот на булевар „Трета македонска ударна бригада“ во Куманово, полициски службеници од СВР Куманово го лишија од слобода В.С.(23) од Скопје. При контрола на патниот сообраќај, полициските службеници сопреле патничко моторно возило „мерцедес“, кое го управувал, и по преземени мерки е констатирано дека тој е под дејство на алкохол, односно измерени му се 1,84 промили алкохол во крвта.
Денеска пак во 03:20 часот на булевар „Трета македонска ударна бригада“ во Куманово, полициски службеници од СВР Куманово го уапсиле А.С.(26) од Куманово. Полициските службеници сопреле патничко моторно возило „фолксваген голф“, кое тој го управувал, и констатирале дека е под дејство на алкохол, односно измерени му се 1,81 промили алкохол во крвта.
По целосно документирање на случаите, против нив ќе бидат поднесени пријави по член 297-а од Кривичниот законик – „безобѕирно управување со моторно возило“.
декември 10, 2025


