Економија
Димитриеска-Кочоска: Дополнетиот предлог буџет е економска порака за стабилност, доверба и развој
Дополнетиот предлог буџет е инструмент за реални политики, за економски раст, за поттик на инвестиции, за нова вредност, за подобри можности и подобар животен стандард на граѓаните. Со него се продолжува со макроекономската стабилност, фискалната консолидација, се обезбедува економски раст, како и средства за сервисирање на сите обврски вкучително и исплаќање на еврообврзницата, истакна денеска министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска, образложувајќи го буџетот пред пратениците.
Растот на БДП во 2026 година е проектиран на 3,8 проценти, а инфлацијата на 2,5 проценти. Вкупните приходи треба да изнесуваат 374,9 милијарди денари, расходите 414,2 милијарди денари, а буџетски дефицит 39,2 милијарди денари или 3,5 проценти од планираниот БДП. Проекцијата за капиталните расходи во 2026 година е на ниво од 40,1 милијарда денари.
– Буџетот е изготвен врз основа на постигнатите економски резултати и очекувањата за продолжување на позитивните трендови. Водевме сметка за реалноста во проекциите, економичноста и ефективноста во планирањето, со цел да обезбедиме стабилен развој, редовно функционирање на институциите и навремена исплата на сите обврски. Овој Буџет не е само документ со бројки и табели – тој е економска порака за стабилност, доверба и развој. Јасна потврда за одговорното управување со јавните финансии кое го воспоставивме и го продолжуваме со полн капацитет, рече министерката за финансии.
Таа укажа дека буџетот за 2026 година е планиран како консолидиран и реален инструмент за одговорно управување со јавните финансии, со одржливо ниво на буџетски дефицит и јавен долг. Најави дека ќе се обезбеди ликвидност во јавните финансии и континуитет во навремената и целосна отплата на обврските, како и дека Владата ќе продолжи со строгата контрола на преземањето нови обврски и ќе ги следи буџетските принципи на економичност и ефикасност, истовремено обезбедувајќи услови за нови вработувања во согласност со буџетските можности.
Со Предлогот, рече таа, особен акцент е ставен на подобра наплата на сопствените приходи од страна на буџетските корисници, рационално користење на јавните средства, како и навремено и реално планирање на капиталните расходи. Системот на субвенции и социјални трансфери ќе биде редизајниран со построги критериуми за да се обезбеди целисходна распределба, додека фискалната дисциплина, транспарентноста и дигитализацијата на процесите ќе обезбедат поефикасни и поквалитетни јавни услуги, најави министерката за финансии, најави министерката за финансии.
Буџетот, посочи, е изработен со јасна визија, со одговорен пристап кон јавните финансии и со цел секој денар од народните пари да биде насочен таму каде што ќе донесе најголем поврат за граѓаните и економијата.
Проекциите за 2026 година, оцени министерката, укажуваат на континуитет на економската стабилност и раст, заснован на одговорни фискални политики, инвестиции во инфраструктура и човечки капитал, како и поттикнување на продуктивноста и конкурентноста на домашната економија.
– Приватната потрошувачка, е проектирана со раст од 2,6 проценти, јавната потрошувачка ќе се одржи умерена, со раст од 1,4 проценти во насока на фискална дисциплина. Надворешниот сектор ќе бележи умерено закрепнување,согласно очекувањата за раст на глобалната економија и главните трговски партнери а инфлацијата ќе се стабилизира околу 2,5 проценти, во услови на стабилни цени на меѓународните пазари. Се очекува раст на вработеноста и зголемување на просечната нето-плата за 6,5 проценти. Ова ќе биде како резултат на отворање нови производствени капацитети, проширување на постојните, како и на активните мерки и програми за вработување што Владата ги спроведува, рече Димитриеска Кочоска.
Посочи дека основното макроекономско сценарио е проследено и со надолни ризици за економскиот раст, кои главно произлегуваат од надворешното окружување.
– Продолжените конфликти во Украина и на Блискиот Исток создаваат дополнителна неизвесност, а неодамнешните царини воведени од САД отвораат можност за нови трговски тензии со потенцијално негативни последици врз глобалните синџири на снабдување и европската економија, каде е насочен најголемиот дел од македонскиот извоз, појасни Димитриеска Кочоска.
Осврнувајќи се остварувањата во економијата, рече дека е важно што растот во првите три квартали од 2025 од 3,4 проценти е на широка основа и е регистриран во сите сектори. Услужниот сектор со раст од 2,8 проценти, градежната активност со силен раст од 21 процент во третиот квартал, особено изразен кај нискоградбата со 58,5 проценти.
– Во 2026 година се очекува економијата да забрза со реален раст на БДП од 3,8 проценти, предводен од домашната побарувачка. Главен двигател ќе бидат бруто инвестициите, како резултат на поинтензивната реализација на инфраструктурните проекти – особено коридорите 8 и 10д, како и вложувањата во енергетиката, железницата, земјоделството, образованието и здравството. Дополнителен двигател на бруто-инвестициите ќе биде и поддршката на општините за реализација на капитални инвестиции со цел порамномерен регионален развој и унапредување на животот на граѓаните, рече Димитриеска Кочоска.
Значителен придонес врз растот на инвестициите, според неа, ќе има инвестициската активност на домашните претпријатија, имајќи ја предвид искористеноста и интересот за поволната кредитна линија обезбедена од Владата за инвестиции во нови производни капацитети и зголемување на нивната извозна конкурентност, како и реализацијата на најавените странски директни инвестиции во земјата, преку изградба на нови и проширување на постојните капацитети во технолошко-индустриските зони. Приватната потрошувачка, информира таа, е проектирана со раст од 2,6 проценти, јавната потрошувачка ќе се одржи умерена, со раст од 1,4 проценти во насока на фискална дисциплина.
Според Димитриеска Кочоска, Владата ќе постигне постепено усогласување со фискалните правила во рамки на Фискалната стратегија 2026–2030 преку подобрување на наплатата на приходи, рационализација и ефективност на буџетските расходи, како и стратешко планирање на капиталните инвестиции за навремено реализирање на проектите. Овие мерки вклучуваат формализација на неформалната економија, дигитализација на процесите, јасни критериуми и индикатори за мониторинг на јавните средства.
Вкупните даночни приходи на Буџетот за 2026 година се проектирани на 214,1 милијарди денари, раст од 6 проценти во однос на планираните приходи за 2025 година. Данокот на личен доход има проектиран раст, образложи, како резултат на растот на платите, зголемен број на даночни обврзници и приходите од капитал и привремени услуги а растот на данокот на добивка се должи на позитивната реализација на приходите во 2025 година, зголемување на профитите на компаниите, даночните наплати кај компаниите во системот на државна помош и ефектите од Законот за минимален глобален данок на добивка, имплементиран согласно модел правилата на ОЕЦД и директивите на ЕУ. ДДВ, пак, има раст поради зголемената приватна потрошувачка и реалниот расположлив доход, воведување е-фактура, како и усогласувања на Законот за ДДВ со ЕУ директивите.
Неданочните приходи во буџетот следната година треба да изнесуваат 26,3 милијарди денари, капитални приходи 3,5 милијарди денари, донации кон буџетските корисници 9,8 милијарди денари, од кои дел произлегуваат од повлекувања од предпристапните фондови на ЕУ.Социјалните придонеси се планирани на 117,1 милијарди денари, за 11,3 процени повеќе во однос на 2025 година. Проектираниот раст на приходите се заснова на очекуваниот раст на БДП, поволните движења на клучните макроекономски индикатори, растот на приватната и јавната потрошувачка, порастот на номиналните плати, зголемената вработеност. Буџетските расходи за 2026 година планирани на 414,2 милијарди денари се за 2,6 проценти повеќе, односно околу 10,4 милијарди денари над расходите за 2025 година. Тековните расходи изнесуваат околу 374 милијарди денари и со нив, вели министерката, се обезбедува редовна исплата на плати во јавниот сектор, пензии, социјални трансфери, субвенции, поддршка на економијата и иновативни активности.
– Во рамките на тековните расходи, исплатата на плати е проектирана на 52,6 милијарди денари, што е за околу 3 милијарди денари повеќе од 2025 година. Со средствата се опфатени сите стекнати права согласно законската регулатива, веќе склучените колективни договори, како и новите вработувања кои ќе се реализираат преку мобилност и преземање вработени од други институции во јавниот сектор. Расходите за стоки и услуги се планирани на 28,2 милијарди денари, обезбедувајќи непречено функционирање на институциите и исполнување на обврските по НАТО стандарди и други меѓународни договори, соопшти Димитриеска Кочоска.
Тековните трансфери и субвенции се планирани на 271,9 милијарди денари, од кои социјалните трансфери изнесуваат 206,3 милијарди денари. Во рамките на нив, за пензии се обезбедени 116,8 милијарди денари, вклучувајќи пораст од 2025 година и дополнителен пораст за 2026 година според законските решенија. Обезбедеи се средства за исплата на надоместоци за социјална заштита на најранливите категории за што се проектирани 12 милијарди денари, додека за паричен надоместок за невработеност се обезбедени 1,5 милијарди денари. За активни мерки и политики за вработување, кои вклучуваат креирање програми за нови работни места, поддршка за млади, лица со попреченост и корисници на гарантирана минимална помош, се предвидени 2,6 милијарди денари. Износот на расходите за здравствена заштита, според проекциите, ќе изнесува 53,8 милијарди денари.
Како што соопшти министерката, проекираните капитални расходи во 2026 година на ниво 40,1 милијарда денари, се за инфраструктурни, енергетски и други капитални инвестиции на национално и локално ниво
– Во делот на патната инфраструктура, се предвидуваат значајни инвестиции во изградба и рехабилитација на делници од Коридорот 8 и Коридорот 10д, како и изградба на западниот дел од Коридор 8. Исто така, ќе се реализира изградба на автопатската делница Скопје-Блаце и подобрување на локалните патишта. Железничката инфраструктура исто така добива значајна поддршка со продолжување на изградбата и рехабилитацијата на источниот дел од железничката пруга – Коридор 8, и активностите за изградба на заеднички железнички граничен премин со Србија и железничката станица Табановце, рече министерката за финансии.
Во комуналната инфраструктура, предвидено е продолжување на изградбата на водоводни и канализациони системи во општините, и реализација на Регионалниот проект за цврст отпад. Продолжува и изградбата на Пречистителната станица за отпадни води во Скопје. Во делот на енергетската ефикасност, ќе се финансираат енергетски ефикасни проекти во јавниот сектор и локалните самоуправи, како и јавните здравствени установи, како и изградба на пречистителни станици во Кичево, Битола и Тетово, и воспоставување регионален систем за управување со отпад во Источниот и Североисточниот регион. Во здравствениот сектор се планирани капитални инвестиции за изградба и реконструкција на јавни здравствени установи, како и набавка на современа медицинска опрема, во образованието и спортот, проекти за изградба и реконструкција на основни и средни училишта, детски градинки, училишни и спортски сали, студентски домови и универзитети.
– Во социјалната сфера продолжува реализацијата на проекти за подобрување на социјалните услуги и предучилишно згрижување. Земјоделскиот сектор добива капитални инвестиции за рурален развој, изградба на хидросистеми, модернизација на земјоделски стопанства и изградба на откупно-дистрибутивни центри. Во областа на правосудството, предвидена е реконструкција на казнено-поправните установи, вклучувајќи изградба на притворско и затворено одделение и централна економска единица во КПД Идризово, најави Димитриеска Кочоска.
Таа соопшти дека вкупните обврски кои треба да бидат сервисирани во текот на 2026 година се во износ од 74,8 милјарди денари без државните хартии од вредност кои доспеваат до една година. Од овој износ 54,9 милјарди се однесува на странски долг додека 19,9 на отплата по домашен долг.
Странскиот долг во најголем дел се однесува на еврообврзницата земена во 2020 во износ од 43,1 милијарди денари односно 700 милиони евра, понатаму кредити од ММФ (3,1 милијарди), ИБРД (3,3 милијарди), ЕБРД (2,2 милијарди), ИДА (0,9 милијарди), ЦЕБ (0,6 милијарди), ЕИБ (0,7 милијарди), како и 1,0 милијарди денари кон други билатерални кредитори, меѓу кои се ИФАД, КфВ и Јапонската агенција за меѓународна соработка.Домашниот долг, кој изнесува 19,9 милијарди денари, опфаќа отплати на државни обврзници во висина од 11 милијарди денари,отплата на домашни заеми од 8,6 милијарди, на структурни обврзници 400 милиони денари, други долгорочни обврзници..
– За финансирање на буџетскиот дефицит и редовните отплати, предвидено е задолжување на домашен пазар од 35,6 милијарди денари, преку државни хартии од вредност и домашни заеми. Странското задолжување е планирано во износ од 85 милијарди денари, кое ќе се реализира преку издавање еврообврзница, други странски заеми и повлекување средства од кредитни линии за финансирање на проекти или дефицит. Нето-ефектот од странското задолжување изнесува 30 милијарди денари, а од домашното задолжување 15,6 милијарди денари, информира министерката за финансии.
Состојбата на државниот долг на крајот на септември 2025 година изнесува 8.498,1 милиони евра, односно 50,3 проценти од БДП, а на јавниот долг 9.730,1 милиони евра, односно 57,6 од БДП.
Министерката за финансии ги повика пратениците на аргументирана и конструктивна расправа, насочена кон најдоброто решение.
– Убеденa сум дека преку дијалог и соработка ќе донесеме Буџет кој ќе работи за граѓаните, за економијата и за иднината на државата, рече министерката Димитриеска Кочоска.
Во тек на расправата за буџетот во матичната Комисија за финансирање и буџет од околу 200 амандмани беа прифатени шест. Со нив се обезбедуваат средства за: кадровско зајакнување на Оперативно-техничката агенција, реконструкција и проширување на натпатникот на патниот правец Штип–Чардаклија, отворање три психосоцијални центри за млади, опремување на службите за итна помош со комплети за прва помош и кислородни боци и реконструкција и внатрешно уредување на спортската сала во ОУ „Гоце Делчев“ – Гостивар.
декември 9, 2025


