Политика
ВМРО-ДПМНЕ: Ново поглавје во политичкото делување, Стратегија Македонија 2030 со шест носечки стожери за безбедна, стабилна, економски и технолошки развиена држава
ВМРО-ДПМНЕ со своето делување, многупати до сега, ја потврди својата посветеност за развој и напредок на државата. Во креирањето на политиките секогаш се водела од државните и национални интереси, па после тоа следеле партиските.
Тоа го потврди и на 18-иот конгрес од пред некој ден, каде што покрај изборот на претседател, делегатите ја усвоија и стратегијата за развој на државата во следната декада, „Ново поглавје – Стратегија Македонија 2030“.
Овој важен документот е со јасно зацртани цели и ја позиционира ВМРО-ДПМНЕ како политичка сила, подготвена да ја преземе улогата на државничко лидерство.
Стратегијата се заснова на идејата дека државата мора да излезе од циклусот на импровизации и краткорочни одлуки и да воведе долгорочен систем на управување, кој се создава преку силни институции, конкурентна економија и општество засновано на вредности, ред и самодоверба.
Таа носи нови теми што ја подготвуваат Македонија за иднината, како национална стратегија за вештачка интелигенција, стратегија за сајбер-безбедност, геоекономска дипломатија и Фонд за иднината, кој ќе биде државен инвестициски инструмент што ќе поддржува технологии, иновации и истражување.
Најважното што треба да го постигне имплементацијата и спроведувањето на Стратегијата е Македонија до 2030 да стане земја што создава стабилност, економска моќ и институционална зрелост, со идентитет што не се условува, туку се почитува.
Документот определува јасна стратешка и временска рамка на имплементација и преземање чекори од 2025 до 2030 година во која се содржани шест клучни стожери по кој ќе се води развојот на државата.
Прва во фокусот е државната безбедност, што значи модерна армија, национална сајбер-заштита и систем за справување со хибридни закани.
Потоа следи економската конкурентност, што значи напуштање на моделот на евтина работна сила и создавање економија заснована на знаење, технологија и иновации, поддршка за домашните компании, стабилен даночен систем и зелена енергетска транзиција.
Правна држава е третиот стожер на овој важен национален документ, чија цел е независно судство, департизирана администрација и системска борба против корупцијата преку дигитализација и други контролни механизми.
Во рамките на демографските политики, потребна е вистинска поддршка за младите, како станбени програми, политики за поврат на дијаспората и достоинствена грижа за постарите лица.
Европската интеграција и надворешната политика ќе се градат со партнерства со јасни црвени линии, што значат да за Европа, но без условувања што допираат во идентитетот и достоинството на државата.
Без силно образование, култура и идентитет нема силна држава, затоа како шести стожер на Стратегијата, мораме да вложуваме во модерни програми, дигитални кампуси, поддршка за науката и заштита на македонскиот јазик и култура.
Оваа Стратегија е ново поглавје на стабилност, развој и државничко водство во која е содржана визијата за модерна, стабилна и европски ориентирана Македонија, со јасно дефинирани политики и развоен правец.
Македонија знае, може и мора многу повеќе.
декември 8, 2025


