Connect with us

Вести

Можностите за развој на македонско-виетнамската соработка во фокусот на новата амбасадорка Нујен Ти Мин Нујет

 Виетнам од некогаш сиромашна и неразвиена земја изолирана со санкции, денес е една од најдинамичните економии во Југоисточна Азија. Со години, Виетнам одржуваше брз и стабилен раст од околу 6 проценти, а сега е на патот да стане 20-та најголема економија во светот, вели новоименуваната амбасадорка на Социјалистичка Република Виетнам за Република Северна Македонија со седиште во Софија, Нујен Ти Мин Нујет.

-Нашата земја сега одржува трговски односи со над 220 партнери и потпиша 17 договори за слободна трговија со клучни партнери, вклучувајќи ја и Европската Унија. На меѓународната сцена, Виетнам постојано води независна, самостојна, диверзифицирана и мултилатерална надворешна политика, проактивно интегрирајќи се во регионалните и меѓународните работи за мир, соработка и развој. Виетнам има воспоставено дипломатски односи со 194 земји и е активен член на повеќе од 70 регионални и меѓународни организации, истакна амбасадорката  Нујен Ти Мин Нујет на приемот одржан синоќа по повод предавањето на акредитивните писма на претседателката Гордана Сиљановска Давкова со што и официјално го почна својот дипломатски мандат.

Во контекст на билатералните односи со нашата земја, таа истакна дека Виетнам високо го цени развојот на традиционалното пријателство и разновидната соработка со Северна Македонија. 

-Особено ми е драго што сум сведок на здравиот развој на политичката соработка и меѓусебната поддршка меѓу нашите две земји на меѓународни форуми. За време на мојот мандат како амбасадор, сум целосно посветена на понатамошно унапредување на билатералните односи, охрабрување на повеќе посети, зајакнување на политичките врски и поттикнување на практична соработка во клучни области како што се економијата, трговијата, образованието и културната размена, вели амбасадорката. 

Во делот на економската сфера, таа потенцира дека расте интересот за производи од Виетнам во Северна Македонија, што претставува можности за трговија, инвестиции и размена на технологии. 

-Мал дел од широкиот спектар на производи што Виетнам го извезува во светот се земјоделски производи како ориз, кафе и индиски ореви, до индустриски производи како што се електрични автомобили, паметни телефони и компјутери. Подготвени сме да служиме како мост за да ѝ помогнеме на Северна Македонија да ги зајакне своите односи со АСЕАН. За возврат, се надеваме дека Северна Македонија ќе продолжи да го олеснува влегувањето на виетнамските производи на балканскиот пазар, нагласи таа. 

Амбасадорката Нујен Ти Мин Нујет , исто така, го забележа и зголеменото присуство на виетнамски работници кои, како што посочи, придонесуваат за локалниот развој и јакнење на човечката врска меѓу нашите две нации.

Културата и размената меѓу луѓето, според неа, остануваат подеднакво важни. 

-Сите веруваме дека културната размена го зајакнува разбирањето и пријателството меѓу народите. Виетнамската култура, со своето богато наследство во литературата, музиката, кујната и сценските уметности, нуди уникатни сознанија за македонскиот публицитет. Исто така, живите културни традиции на Северна Македонија им даваат непроценливи можности на Виетнамците да се вклучат и да учат од нив, рече таа.

При тоа го посочи пригодниот концерт приреден вечерта од ученици од МБУЦ Илија Николовски Луј под дигигентство на маестро Ле Фи Фи, виетнамскиот диригент и професор, кој долги години живее и работи во Македонија. како пример за потенцијалот за културна размена меѓу нашите две земји.

-Гледајќи напред, уверена сум дека Виетнам и Северна Македонија ќе продолжат да ја зајакнуваат соработката, истражувајќи нови можности за соработка во трговијата, технологијата, образованието, културата и туризмот, порача новата виетнамска амбасадорка за земјава.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вчера на приемот во Вила Водно по повод предавањето на  акредитивните писма изрази уверување дека новоименуваната амбасадорка на Социјалистичка Република Виетнам, со седиште во Софија, Нујен Ти Мин Нујет со своето дипломатско искуство значително ќе придонесе за збогатување и интензивирање на соработката.

РС Македонија и Виетнам годинава одбележуваат 31 година од воспоставувањето на дипломатските односи.

Ad 3
Маркетинг
Маркетинг
Ad 4
Ad 3