Connect with us

Вести

Прва заедничка координација на Управниот и Надзорниот одбор на МЕПСО во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини

Во Министерството за енергетика, рударство и минерални ресурси, за прв пат беше организирана заедничка средба со Управниот и Надзорниот одбор на МЕПСО – формат кој овозможува побрза и поефикасна координација во функционирањето на преносната мрежа.

Според информацијата од ресорното министерство, министерката Сања Божиновска изјави дека постојаната координација е неопходна, бидејќи МЕПСО, како еден од клучните столбови за енергетската стабилност на државата, мора да работи беспрекорно, со стабилна динамика на проектите и без никакви доцнења.

“Во услови кога енергетската стабилност е приоритет на државата, од суштинско значење е преносната мрежа да се одржува континуирано, да се модернизира и да се развива во чекор со европските стандарди, со јасна стратегија и дневна оперативна дисциплина.”

Божиновска нагласи дека само со заедничка и навремена координација, заедно со Управниот и Надзорниот одбор, можат да се надминат можните застои кај клучните проекти, навремено да се решаваат административните пречки и да се обезбеди континуирана модернизација и одржување на преносната мрежа.

На состанокот, како што е наведено, се дискутираше за клучните теми: прогресот и моменталната состојба на големите инфраструктурни проекти кои се во фаза на реализација, планирањето и одредувањето приоритети на нови стратешки проекти за зајакнување на мрежата, како и предизвиците во секојдневното работење и моделите за нивно надминување, со цел постигнување поголема ефикасност и подобра оператива.

Од наредната година, МЕПСО ќе стане полноправен член на Joint Allocation Office (JAO) – единствената европска платформа за аукции на прекугранични преносни капацитети.

“Со приклучувањето кон JAO, македонскиот системски оператор влегува во хармонизираниот европски модел за тргување со електрична енергија, према границите со Србија и Бугарија, додека со останатите соседи остануваме на регионалната платформа (ЦЕО). Ова членство ќе овозможи поефикасно управување со прекуграничните капацитети, поголема транспарентност и интеграција на македонскиот пазар во европските електроенергетски текови.”

Министерството ќе продолжи со редовна комуникација и координација со МЕПСО, со цел да обезбеди стабилен, модерен и сигурен преносен систем, кој е темел на енергетската безбедност и развојот на државата, стои во соопштението.

Ad 1
Маркетинг
Маркетинг
Ad 1
Ad 1