Connect with us

Економија

Панел на конференцијата на МАСИТ: За економски напредок е неопходна синергија помеѓу образованието и индустријата

Информатичката технологија има огромен потенцијал за раст и  значајна општествена моќ да придонесе за унапредување на образовниот систем и за подготовка на идните генерации, истакна министерката за образование и наука  Весна Јаневска на панел-дискусијата „Кој ќе ја кодира иднината? – Едукација, кадар и потребите на ИТ-индустријата“, што се одржа денеска во рамки на 20-та годишна конференција на МАСИТ – Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии.

Министерката нагласи дека новата Стратегија за образование 2026–2032, која е неколку дена поставена на ЕНЕР за предлози и сугестии, става силен фокус на развојот на дигиталните вештини кај младите, при што во периодот што следува очекува засилена поддршка од ИТ-индустријата.

Во изјава за медумите Јаневска ја нагласи важноста од поврзаноста на образованието со индустријата односно стопанството, псоочувајќи на унапредувањето на средното стручно образование кое станува се поатрактивно за учениците. 

-МОН има направено сериозни чекори кон подобрување на средното стручно образование, вклучувајќи дуални паралелки, во чии програми се внесени елементи од ИКТ и, секако, во соработка со академската заедница односно универзитетите и факултетите се обидуваме да внесеме дуално образование и во високото образование, што ќе биде исклучително корисно за стопанството и за економско придвижување на земјата. Од МАСИТ побарав повеќе да се вклучи во процесот на образование затоа што образованииот систем создава кадар кој ќе се вклучи во нивните бизниси за заеднички, во една добро осмислена синергија, да успееме да стигнеме до целта. Одржуваме и обуки за наставниците – за дигитална писменост, вештачка интелигенција, правиме големи напори, но сметам дека поврзувањето на сите чинители – индустријата, малите, средните и големите компании, многу побрзо ќе не доведат до посакувана цел, истакна Јаневска.

Министерката најави и дека очекува компаниите од ИКТ индустријата, заедно со образовните и научните установи, да се вклучат во формирањето на првиот научно-технолошки парк во државата – место каде што науката и бизнисот ќе создаваат иновации и ќе реализираат проекти од национален интерес. Како што рече, „за жал, Македонија е единствена во регионот што нема технолошки парк иако во минатото имало повеќе обиди“. 

-Владата е сериозно посветена да го реши овој предизвик, макар да прераснува и во проблем, затоа што ни е неопходно потребен. Технолошкиот парк е нешто што ги поврзува академијата односно науката, заедно со индустријата, па и со цивилното општество и државата ги става во еден квадрихеликс, кои де факто можат да дадат најдобар продукт само ако заедно работат. Не може науката сама без стопанството да произведе нешто што ќе даде сериозен придонес на државата. Ниту, пак, индустријата може самата тоа да го направи без да ја користи научната мисла. Кога велиме иновација, ние не велиме дека Македонија треба да измисли нешто за Нобелова награда, туку тоа е подобрување на процесите во индустријата кои ќе бидат подобри, побрзи и поефикасни и побрзо ќе ги доведат до остварување на нивната крајна цел. Само во заедништво на овие четири елементи ние меме да стигнеме до таа цел, додаде Јаневска. 

Билјана Иваноска, член на Управниот одбор на МАСИТ, која беше модератор на дискусијата,  изјави дека панел-дискусијата за образование била фокусирна на потребите на ИКТ-индустријата, пред се за кадар и човечки потенцијал „како главен предуслов за дигитална трансформација и воопшто за модернизација“.

-Имавме можност, на наше задоволство, да ги дознаеме најновите случувања и најновите интервенции во образованието и во науката, периодов тоа е стратегијата. Констатиравме дека иновациите нема да дојдат само од образованието и само од истражувачките лаборатории, дека индустријата и тоа како има важна улога, и преку заедничка синергија може да ја придвижиме Македонија напред и со тоа да фатиме чекор со глобалните трендови во ИКТ, рече Иваноска.

Во однос на практична настава во ИКТ-компании во рамки на дуалното образование, таа посочи дека членките на комората МАСИТ превенствено се компании од ИКТ-индустријата  и од телекомуникациската индустрија и дека за дел од нив моделот на дуално образование е апликативен.

-Иако поголемиот дел од нив својот интерес повеќе го гледаат во високото образование и студентите и дипломците од техничките факултети, нешто што дефинитивно како пракса мора да го подобриме за да име  подобри резултати, додаде претставничката на МАСИТ. 

Покрај министерката Јаневска, на панелот за образование организиран од МАСИТ учествуваа и деканите на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), проф. д-р Петре Ламески, и на Факултетот за информатички и комуникациски технологии (ФИКТ), проф. д-р Благој Ристевски.

Маркетинг
Маркетинг
Ad 2
Ad 2