Вести
МОН: Го унапредуваме инклузивното образование, заедно да го развиваме инклузивното општество
Министерството за образование и наука (МОН) соопшти дека континуирано работи на унапредување на инклузивноста во националниот образовен систем, со цел секое дете да има право на квалитетно образование и средина во која е прифатено и може да напредува, без оглед на пречките со кои се соочува.
Од МОН истакнуваат дека со измени во регулативата, избор е на родителите заедно со Службата за функционална проценка на деца и млади, дали детето ќе оди во редовно училиште или во ресурсен центар, каде што има на располагање многу повеќе стручни лица и кадешто може да му се обрне повеќе внимание.
Не е целта, како што се наведува во соопштението од МОН, овие деца само формално да бидат вклучени во редовно образование, туку да имаат суштински напредок.
Како дел од засилената поддршка, значително е зголемен бројот на образовни асистенти. Во основното образование веќе има над 1.300 образовни асистенти, а за прв пат од оваа учебна година, како системска мерка, воведени се 130 образовни асистенти и во средното образование. Дополнително, во секое училиште има инклузивен тим, кој им дава подршка секогаш кога треба, а наставниците и асистентите добиваат помош од државните основни и средни училишта со ресурсни центри.
-Ги унапредуваме капацитетите на воспитно-образовниот кадар. Континуирано се организираат обуки за инклузија и пристапи во поучувањето на ученици со посебни образовни потреби. Наставниците учат да препознаваат различни потреби кај учениците и да применуваат соодветни методи на работа, се наведува во соопштението од МОН.
Оттаму посочуваат дека развиваат култура на вклучување и на посебни советувања родителите учат да не ги маргинализираат овие деца, како да ги поддржат и да им помогнат.
-Одвојуваме повеќе буџетски средства за инклузија. Дополнително, и со новите формули за пресметка на блок дотации, предвидовме еден од елементите за зголемени дотации да биде инклузијата, односно средствата до општините се префрлаат и во зависност од бројот на дечиња со попреченост, велат од МОН.
По повод 3 Декември – Меѓународниот ден на лицата со попреченост, Министерството порача дека квалитетно инклузивно образование е невозможно без развиено инклузивно општество. – Секој од нас, во својата средина треба да придонесе кон градење заедница каде лицата со попреченост не се спомнуваат само еден ден, туку се вклучени во секојдневните активности и живеат, учат, работат и се дружат со луѓе кои ги поддржуваат, разбираат и не ги отфрлаат, додаваат од МОН.
декември 4, 2025

