Регион
Мицотакис: Грција стана снабдувач на енергетска безбедност за цела Југоисточна Европа
Станавме снабдувач на енергија и фактор на енергетска безбедност за цела Југоисточна Европа и клучна земја за природен гас и негов транспорт, нагласи грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на Шестото партнерство за трансатлантска енергетска соработка (P-TEC) и додаде дека пред шест години Грција едноставно увезуваше природен гас за внатрешни потреби, а во 2024 година направиле пресврт со 17 милијарди кубни метри гас извезени од Грција, јави дописничката на МИА од Атина.
Мицотакис посочи дека САД се голем извозник на енергија, а Европа е голем увозник и затоа, „опсегот на оваа соработка е широк“, а потпишаните договори на маргините на самитот „покажуваат дека соработката што ја градиме има солидна основа“.
Нагласи дека ќе продолжат да инвестираат во гасната инфраструктура „за важната регионална улога што ја игра Грција“.
– Сосема е логично Соединетите Американски Држави да ја гледаат Грција како влезна точка за американскиот гас со цел да ги задоволат енергетските потреби на целиот регион. И многу сум среќен што ја претвораме оваа визија во реалност, истакна Мицотакис.
Се осврна и на, како што рече историската одлука Југоисточна Европа постепено да се ослободи од рускиот гас, но и порача дека не смее да се дозволи во Европа гасот од Русија да влегува „преку задна врата“, односно преку Турција.
– Нашиот регион, Југоисточна Европа, е последниот агол од Европа што сè уште увезува руски гас преку гасоводи, но ова нема да продолжи. Па така, оваа забрана за руски гас е во суштина голема можност за прецртување на целата енергетска мапа на Југоисточна Европа. Но, дозволете ми да бидам јасен: оваа забрана мора да се спроведе. Ова е исто така порака до моите европски колеги. Не можеме да дозволиме рускиот гас да влезе во Европа низ задната врата, преку Турција. Во спротивно, сите овие иницијативи ќе се покажат во суштина залудни, порача Мицотакис.
На вториот ден од состанокот на Шестото партнерство за трансатлантска енергетска соработка (P-TEC) беа потпишани низа договори и меморандуми за соработка.
Во иницијативата учествуваат P-TEC САД, Европската Унија и 24 европски земји меѓу кои и нашата, а на дводневната енергетска конференција во Атина присутни се американските државни секретари за енергетика и внатрешни работи, како и министрите за енергетика од над 20 земји, меѓу кои и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска.
ноември 7, 2025

