Connect with us

Скопје

Секој ден сме на улица, бараме плата и ништо повеќе, порачаа вработените на ЈП „Паркови и зеленило“ – Скопје

Вработените на „Паркови и зеленило“ – Скопје денеска повторно протестираа пред ова јавно претпријатие и искажаа револт зошто се уште не им е исплатена плата за септември и за октомври. Ги повикуваат и другите вработени, кои се членови на синдикат, да дојдат и утре на протест, што ќе се одржи на истото место, и да изразат незадоволство. 

Атанас Георгиевски, претседател на Независниот синдикат на државна администрација „Паркови и зеленило“ потенцира дека на работниците им треба само плата. 

– Се собравме по не знам кој пат да го изразиме незадоволството и покрај празните ветувања за плата, вчера до 15 часот, па утрово… Се уште плата нема. Бараме две плати и бараме здравствено осигурување. Работниците не можат да си ги однесат своите деца на лекар, не можат да земат лекови на рецепт. Бараме плата и ништо повеќе. Штрајкот се уште е во мирување, но имаме дадено 150 барања за арбитража. Сега нека мислат, нека најдат пари, нека обезбедат средства за луѓето да земата плати, изјави Георгиевски.

Горан Ристески, претседател на гранскиот Независен синдикат на државна администрација, каде членува синдикалната организација Независен синдикат ЈП „Паркови и зеленило“ – Скопје изјави дека како репрезентативен синдикат на ниво на работадавач имаат веќе 150 поднесоци за арбитража, а имаат поднесено и тужби до Основниот граѓански суд Скопје со цел да не застарат одредени побарувања. 

– Ние продолжуваме и понатаму со протести бидејќи веќе немаме трпение. Секој ден сме на улица. Се е завршено од наша страна, и мировен совет, штрајкот е ставен во мирување се со цел да дадеме можност преку преговарање да го решиме ова. Нема слух, ниту од Управен одбор на „Паркови и зеленило“, ниту, пак, од директорот на „Паркови и зеленило“. Вчера за време на протестот не прими директорот, каде ги кажавме нашите барања, кои и тој ги знае. Даде ветување дека вчера во текот на денот ќе се исплати плата, но тоа беше ветување и во четвртокот минатата недела. Плата не е исплатена, рече Ристески. Додаде дека вчера го информирале директорот дека вработените во „Паркови и зеленило“ нема да учествуваат во т.н. генералка од 72 часа што ја организира Град Скопје.

– Нема пари, нема плата, нема услуга. Граѓаните не се должни да патат заради ова. Секој граѓанин плаќа да има убав град, средена околина, паркови итн. Сите услуги се направени од страна на вработените во ЈП „Паркови и зеленило“, но нема фидбек, потенцира Ристески, кој посочи дека нередовното чистење во главниот град може да предизвика проблеми.  Тој не ја исклучува можноста од петок „Паркови и зеленило“ да оди на штрајк.

Членовите на синдикатот денеска на протестот доброволно потпишуваа полномошно за тужби, како и за арбитража. Оваа постапка, како што рече, трае веќе една недела и продолжуваме со друг институционален начин за да ги оствариме правата на вработените. 

Одговорајќи на новинарско прашање зошто не им се исплаќа плата и што им кажал на средбата директорот на ЈП „Паркови и зеленило“, Ристески вели дека им соопштиле дека се чека пари од Град Скопје да се исплати по основ на доспеани фактури од извршена услуга од ЈП „Паркови и зеленило“, како и пари од ЈП „Водовод и канализација“, каде граѓаните плаќаат и за зеленило.

Потсети дека и со досегашната градоначалничка се обиделе да стапат во контакт, но не биле примени. Најавуваат дека ќе побарат и прием кај новиот градоначалник на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски за да му ги објаснат причините и потребите за регулирање на нивните права – исплата на К-15, јубилејна награда, новогодишен додаток, отпремнина за работници со преостанат работен однос и исплата на помош за починат член во семејството.

Маркетинг
Маркетинг
Ad 3
Ad 1