Connect with us

Вести

Николоски и Караџов: Се исполнува сон на многу генерации, потпишан договор за железничкиот тунел на Коридор 8

Македонија и Бугарија се обврзаа на активности и обврски за изградбата на железничкиот тунел на Коридорот 8 со Договор, што денеска го потпишаа ресорните министри Александар Николоски и Гроздан Караџов, во присуство на претставници на Европската комисија, НАТО, и на банките кредитори на проектот за железничко поврзување на двете држави.

Проектираната должина на тунелот е околу 2,4 километри, 1.189,30 метри на македонска територија, а 1.193,70 метри на бугарска.

Николоски и Грозданов го истакнаа значењето на поврзувањето, а претставниците на Европската комисија изразија задоволство што двете страни го исполнуваат договореното од состанокот во јули во Брисел за откочување на проектот, но порачаа дека очекуваат навремена реализација.

Вицепремиерот Николоски вети посветеност и напорна работа за железничкото поврзување од македонска страна, кое рече дека ќе чини 810 милиони евра. Од трите планирани делници, првата е готова, втората е во изградба, а за третата  најави дека следниот месец ќе се распише тендер за изведувач.

– Средствата се обезбедени. Првата фаза од  Куманово до Бељаковце е завршена и ставена во функција од јануари годинава, втората фаза се гради, рокот за изградба е октомври 2026, не сме многу задоволни од изведувачот и со кредиторите од ЕБОР ќе бараме заедничко решение како да го надминеме овој проблем. Третата фаза се надевам со напорна работа во соработка со двете банки и ЕУ ќе успееме во декември да се распише претквалификација за избор на изведувач и директно  избор на надзор. Буџетот од Куманово до границата е  810 милиони евра, од кои 200 милиони евра се грант од ЕУ.  Од Куманово до Бељаковце чинеше 79 милиони евра, од Бељаковце  до Крива Паланка треба да чини 155 милиони евра, ако останеме во овој буџет, од Крива Паланка до границата со Бугарија 455  милиони евра и дополнително 110 од Куманово до границата за сигнализтација и електрификација на пругата, рече Николоски,  на новинарско прашање по потпишувањето на договорот.

Тој го истакна значењето на  Коридорт 8 на чија изградба истакна дека државава работи посветено, информирајќи дека се преземаат активности за користење на економскиот потенцијал.

– Во однос на економското значење имаме уникатна географска положба, за жал немаме излез на море, но имаме среќа двата паневропски коридори 8 и 10 да се сечат на наша територија. Коридорот 10  (Север-Југ) е најдолгиот во Европа, почнува во Пиреја а завршува во Хелсинки, а Коридорт 8 (Исток-Запад,) кој почнува во Драч, Албанија, на Јадранското и Јонското море и завршува  во Бургас на Црното море и оттука продлжува во Одеса, Украина. Се работи  за два многу значајни коридори, кои имаат и економско и политичко и безбедносно значење. Во однос на економското веќе работиме да го искористиме овој потенцијал. Кај Трубарево веќе работиме на мултимодуларен јазол што ќе биде пристаниште на суво каде ќе се претовара робата и по коридор 8 и 10, тој проект се работи паралелно, рече Николоски.

Тој дополни дека Коридорот 8 е значаен и во однос на безбедноста и за НАТО. – И ние сме членка на НАТО и Бугарија, и мора да придонесеме за глобалниот мир но и да помогнеме за она што се случува во Украина. Во однос на политичкото значење, кога се работи и кога има проекти се зближуваат и државите и народите,  порача Николоски.

Оцени дека со потпишувањето на Дoговорот, се исполнува сон на генерации од двете страни на границата за поврзување со железничка врска на двата главни града Скопје и Софија.

– Ќе работиме многу сериозно и посветено и се надевам дека и за брзо време ќе ги видиме резултатите, рече Николоски, изразувајќи надеж дека за брзо време ќе го покани неговиот колега Грозданов на отворање и на втората делница од пругата, Бељаковце-Крива Паланка и на почеток на работа на третата делница.

Караџов посочи дека ова е важен ден за двете држави како резултат на ефективната  соработка и европска визија за стратешкиот Коридор 8 којшто рече дека е исклучително важен за безбедноста на регонот.

Од 1350-те километри на Коридорот 8, 947 се на бугарска територија, а за комплетирање се потребни уште 2,4 километри, колку што е и долг тунелот. Заедно со активностите за модернизација Бугарија ќе инвестира 1,2 милијарди евра во железничкото поврзување.

– Историјата навистина оставила и планини и граници, но ние нашата генерација, треба да ги изградиме тунелите и мостовите, не само како инфраструктурни проекти, но и како основа за поперспективна иднина на Балканот. Иднина која што не треба да биде затемната од ситни дразби и некои политички префрлувања, затоа што некогаш зборовите можат да одложат толку важни проекти со десетици години, рече Караџов.

Валентина Суперти, директорка на Директоратот за Западен Балкан на  ЕК, порача дека двете соседни држави може да сметаат на поддршката од Комисијата. Од заедничкото работење на прекуграничните проекти не губат добрососедските односи коишто се од суштинско значење особено кога станува збор за членството во ЕУ, укажа Суперти и посочи дека ЕК е  мошне е задоволна што обврските коишто беа преземени на 16 јули во Брисел се исполнуваат и резултираат со потпишувањето на овој договор.

ЕУ, посочи, го поддржува зацврстувањето на соработката меѓу вашите земји и заедно со партнерите ЕУ обезбедува значителна финансиска помош за овој проект. – Сметаме на вашето лидерство а она на тоа што сведочиме денес тоа ни е потребно за договорот да биде навремено спроведен, рече Суперти.

Изградбата на тунелот на Коридорот 8 како дел од трансевропската мрежа, како што оцени таа, е иницијатива за отворање на пат којшто ќе донесе социјална и економска полза во регионот со подобрени транспортни услуги и подобар пристап до ЕУ и глобалните пазари.

– Тоа е одржлив транспортен систем со којшто ќе се поткрепи конкурентноста за целиот регион. Коридорот 8 е механизам за посилна регионална соработка и го покрива инфраструктурниот јаз на балканскиот регион . Од стратешка важност е за безбедноста и тоа е всушност нашата заедничка безбедност. ЕУ е целосно посветена на поддржување на спроведувањето на овие важни проекти и затоа сум тука денес,  рече претставничката на Европската комисија.

Проценките на институците се дека со изградбата на пругата Скопје-Софија ќе има зголемување на товарниот превоз за над 30 проценти, а патничкиот сообраќај за 20–25 проценти во првите години по изградбата.

Македонија и Бугарија, по повеќемесечен застој на крајот на јуни на министерско ниво постигнаа договор за придвижување на работите за железничкото поврзување. Следуваше состанокот на делегации на двете држави на 16 јули во Брисел на кој беа идентификувани приоритетите меѓу кои и повторно објавување на тендерот за работите на железничкиот дел помеѓу Крива Паланка и влезот на прекуграничниот тунел до крајот на годинава од страна на државава.

Бугарската Национална компанија за железничка инфраструктура  на 28. јули објави тендер за проектирање и изградба нова железничка траса од Ѓуешево до границата со Македонија во должина од 2,4 километри, единствената делница што недостасува од железничкиот Коридор 8 на бугарска територија, како и за модернизација на 17 –  километарската делница од Перник до Радомир.

На западното крило на железничкиот Коридор 8, предвидена е изградба на пруга од Кичево до Лин, за што подготвен е и проект. Владата неодамна најави и проект за реконструкција на линијата Скопје -Јегуновце-Тетово-Гостивар-Кичево во должина од 103 километри. Добиен е грант од ЕУ од 5,3 милиони евра за изработка на еколошка студија, физибилити студија и подготовка на тендерска докумeнтaција. Се очекува за две години да се избере изведувач.

Маркетинг
Маркетинг
Ad 1
Ad 2