Вести
Воведена нова процедура на Кардиологија – пациентите со сложени срцеви аритмии веќе нема да бидат упатувани во странство
Аблација за коморна тахикардија првпат во државава е извршена на Универзитетската клиника за кардиологија. По тој повод Клиниката денеска ја посетија министерот за здравство Азир Алиу и генералниот директор на Фондот за здравствено осигурување Сашо Клековски.
Алиу на прес-конференција во Клиниката рече дека тимот од Кардиологија покажал дека во македонското здравство има знаење, храброст и визија за врвни резултати. Според него, ова е голем чекор напред во здравството.
Директорката на Клиниката Даница Петкоска Спирова рече дека ова претставува значаен чекор во развојот на електрофизиологијата и потврда за високата стручност и посветеност на тимот од Клиниката.
– Со оваа процедура овозможуваме навремен и ефикасен третман и лекување на пациентите со сите видови аритмии за кои досега дел од нив беа упатувани на третман во странство на товар на ФЗО, рече Петкоска Спирова и се заблагодари на тимот и за поддршката од ФЗО и Министерството за здравство.
За текот на интервенцијата зборуваше доктор Јане Талески, кој рече дека аблациите на коморните тахикардии претставуваат врвно достигнување во светот на кардиологијата. Посочи дека на дел од пациентите со овој тип тахикардии им е загрозен животот.
– Со оваа комплексна електрофизиолошка процедура која за првпат беше направена на Клиниката за кардиологија сега веќе со големо задоволство би кажале дека на нашата Клиника се работат сите видови на електрофизиолошки процедури и аблации. Во текот на изминатиот период создадовме тим лекари кои денес претставува една функционална единица претставена како тип аритмии кој денес е присутен тука. Наша цел е тој постојано да се проширува. Сето ова не би било возможно со поддршката на ФЗО и зголемувањето на условниот буџет за овој тип процедури. Од почетокот на минатата година до денес направивме близу 500 аблации од кои 60 проценти се комплексни срцеви аритмии, рече доктор Талески.
Посочи дека до неодамна за сите вакви комплексни процедури Фондот издвојувал повеќе од 15.000 до 20.000 евра по пациент за третман во странство бидејќи не било возможно процедурите да се прават во нашата држава.
– Овој напредок за првпат го става нашиот центар и тимот аритмии во листа на најразвиени физиолошки центри во регионот. Веќе од наредниот месец планираме да започнеме и со аблација на исхемична коморна тахикардија кај пациенти со срцева слабост и имплантиран кардиовертер дефибрилатор кој има повеќе четири хоспитализации во тек на една година поради оваа малигна срцева аритмија, рече доктор Талески и додаде дека се во преговори со ФЗО за опремување на најмодерна сала за електрофизиологија што ќе им овозможи зголемување на бројот на процедури, намалување на листите на чекање, подобрување и убрзување на периодот на едукација на персонал, а воедно се стремат да стигнат до регионален едукативен центар.
Gенералниот директор на ФЗО, Клековски рече дека аритмиите се нова гранка во интервентниот дел и минатата година кога разговарале што може и како може да се направи, решиле значително да го зголемат финансирањето и условниот буџет бил зголемен за 50 проценти од 126 милиони денари на 190 милиони денари генерално најмногу за 3Д мапирањето со аблации и на криоаблациите повеќекратно.
– Ова е важно бидејќи потешките случаи беа испраќани во странство за интервенции. Значи во основа ова е едно вложување за да заштедиме во подоцнежните фази. Пациентите кои се третирани на овој начин генерално стануваат независни од конзервативна терапија што е мала заштеда и на таа страна, а поголемата заштеда е дека аритмиите се една од главните причини за мозочни удари, таа што во основа со развојот на ваков тип третмани се намалува и ризикот од мозочни удари. Значи има повеќекратна корист, додаде Клековски и му честиташе на тимот од Клиниката.
Министерот Алиу рече дека ако инвестираат во технологии, образование, едукација и човечки ресурси здравствениот систем и палетата на здравствени услуги се зголемува и квалитативно и квантитативно.
Според него, ова е уште еден доказ дека може за првпат не само во Македонија, туку и во поширокиот регион да се направи аблација на коморна тахикардија.
– Тоа значи дека граѓаните ќе можат да ги добиваат здравствените услуги на ниво на државата побрзо и поефикасно. Затоа цело време фокусот ни е инвестиции во технологии и едикација. За првпат правиме национална стратегија за едукации на неформалното образование во здравствениот систем и ние дефинитивно вцеруваме во квалитетот на нашата високообразовна институција за креирање профил на доктор, но исто така мораме како Министерство да правиме напори за да може специјализациите и субспецијализациите и обуките во иднина да бидат редовни и добро дефинирани. Со таа визија верувам дека ќе стигнеме до врвни светски здравствени услуги, додаде Алиу.
ноември 4, 2025

