Connect with us

Вести

ОБСЕ/ОДИХР: Кампањата во вториот круг беше повоздржана од првиот круг, со одделни случаи на лични напади

Вториот круг од изборите за градоначалници им понуди на гласачите избор меѓу политичките алтернативи и кампањата беше конкурентна во поголемиот дел од општините, но не сите кандидати имаа еднакви услови за кампања, беше посочено на прес-конференцијата на меѓународната набљудувачка мисија од ОБСЕ /ОДИХР за вториот круг од локалните избори во земјава.

Набљудувачите оценија дека како и во првиот круг, основните слободи на изразување како и слободата на здружување и собири биле почитувани и учесниците во изборите имале можност слободно да водат кампања. Сепак, додаваат, тонот на кампањата беше повоздржан од првиот круг, со одделни случаи на лични напади од страна на кандидати и партиски лидери едни кон други.

– Вториот круг од изборите за градоначалници се одвиваше уредно и кампањата во целина остана конкурентна, но не сите имаа еднакви услови, изјави Матео Мекачи, шеф на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР.

Меѓународните набљудувачи оценија и дека продолжила вклученоста на владини претставници во изборниот процес, како и, како што наведоа, постојаните притисоци врз избирачите, заедно со бројните обвинувања за купување гласови, што претставува загриженост.

Мекачи истакна дека го набљудуваат изборниот процес од почетокот на септември и посочи дека иако правната рамка обезбедува техничка основа за одржување демократски избори, и понатаму постојат бројни недоследности и слабости, особено во однос на изборната администрација, пристапот до медиумите и системот за решавање изборни спорови.

Во оценката на набљудувачите се наведува дека иако изборното законодавство опфаќа одредени аспекти од изборниот процес во вториот круг, неколку клучни области остануваат нерегулирани, нејасни или недоволно прецизирани. Законот, исто така, нема јасна временска рамка и детални правила за техничките подготовки за гласањето.

-Вториот круг од изборите за градоначалници се одржа во општините каде што првиот круг, на 19 октомври, ниту еден кандидат не освои апсолутно мнозинство. Изборната администрација ги спроведе подготовките за изборите ефикасно и генерално уживаше висок степен на доверба од јавноста. Изборниот ден на денот на гласањето беше генерално оценет како добро организиран, професионален и мирен, иако набљудувачите забележаа загриженост поради честото следење на гласачите, стои во прелиминарниот извештај на мисијата ОБСЕ/ОДИХР.

Во документот стои дека набљудувачите забележале дека „изборната комисија некои пријави ги групирала наместо да ги разгледува одделно, а нејзиниот ригиден и прекумерно формалистички пристап довел до ограничено истражување на одредени случаи, што предизвикува загриженост за правичната постапка и правото на ефикасно средство на правна заштита“. Позитивно, се додава во извештајот, надлежниот суд ги разгледувал жалбите на целосно темелен начин, придржувајќи се кон утврдените законски процедури и во седници затворени за јавноста.

-Контиунираната вклученост на владини претставници во кампањата понекогаш ја замаглуваше границата меѓу државата и партијата. Се задржаа загрижувачките пријави за притисок врз вработени во јавниот сектор и гласачи, како и бројните пријави за купување гласови, стои во прелиминарната оценка на набљудувачите.

Тие додаваат дека обврската за известување за финансирањето на кампањата останаа ограничени и во вториот круг, а отуството на надзор ја поткопала транспарентноста и ја намалила одговорноста. 

-Ниту една од институциите задолжени за надзор на финансирањето на кампањата не започна постапка против кандидати кои не ги исполниле обврските за известување пред првиот круг, што дополнително ја намали јавната доверба, оценуваат тие.

Во извештајот се наведува дека медиумското покривање во информативните програми на сите радиодифузери кои беа мониторирани од набљудувачката мисија, генерално беше неутрално.

-Во исто време, државните буџетски средства за политичко рекламирање и времето за емитување беа распределени меѓу кандидатите според истата формула која беше применета и во вториот круг, што ги става во неповолна положба независните кандидати и партиите кои не се застапени во Парламентот и ефективно ги исклучува помалите партии со парламентарна група. Неколку кандидати исто така изразија загриженост поради манипулативни наративи на социјалните мрежи, а беа забележани повеќе случаи на вознемирувачка реторика во онлајн просторот, се наведува во прелиминарниот извештај. 

За вториот круг на локалните избори, според податоците на ДИК, акредитирани беа 1622 набљудувачи од кои 957 домашни и 651 меѓународни и 14 странски новинари. Според податоците од официјалната веб страна на ДИК, најмногу меѓународни набљудувачи на Локалните избори 2025 има акредитирано ОДИХР – Канцеларија за демократски институции и човекови права – 500. 

Набљудувачката мисија на ОДИХР за локалните избори во земјава почна на 5 септември и ќе остане до 15 ноември. 

Маркетинг
Маркетинг
Ad 3
Ad 2