Connect with us

Економија

Андоновски: Владата го поддржува развојот на електронската трговија – преку стратегии, интероперабилност и намалена бирократија

Владата на Република Македонија ја потврдува својата посветеност кон унапредување на електронската трговија како двигател на економијата, преку спроведување на јасна стратегија за дигитална трансформација, зајакнување на интероперабилноста и намалување на административните пречки за граѓаните и компаниите. Ова го порача денеска министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, на отворањето на осмата регионална Е-комерц конференција во Скопје.

Тој истакна дека е-трговијата веќе не е алтернативен, туку доминантен економски модел, кој бара силна поддршка од државата преку модерни дигитални платформи, регулаторна предвидливост и иновации ориентирани кон пазарот.

– Интероперабилноста што ја бесплатно ја овозможивме за повеќе од 76 институции и компании – со повеќе од 2.6 милиони безбедни трансакции месечно и раст од 260 отсто – претставува не само успех на администрацијата, туку можност за приватниот сектор. Таа отвора простор за дигитални услуги, безбедна размена на податоци, брз пристап до потребните административни податоци и нови бизнис-модели што ја поврзуваат државата и компаниите во еден заеднички дигитален екосистем, изјави министерот Андоновски.

Во рамки на поддршката за мали и средни претпријатија, Министерството за дигитална трансформација преку Европскиот дигитален иновациски хаб – INNOFEIT EDIH, како што потенцира, им овозможува на компаниите пристап до лаборатории, дигитални алатки и експертска поддршка за тестирање нови технологии пред инвестирање.

– Овој хаб нуди и обуки за дигитални вештини во областа на вештачка интелигенција, сајбер-безбедност, автоматизација и интернет на нештата, со цел да ја зголеми конкурентноста на домашните компании на европскиот пазар. Во истата насока, Националниот центар за вештачка интелигенција – Везилка, развива АИ решенија применливи и во приватниот сектор, со што создава услови електронската трговија да стане поефикасна, попаметна и побезбедна, подвлече министерот за дигитална трансформација. 

Според него, намалувањето на бирократијата и отворањето на податоците за бизнис-заедницата се клучни за модерна држава.

– Владата создава инфраструктура каде иновацијата е во центарот, а граѓаните и компаниите се вистинските корисници на дигиталната трансформација. Во следниот период, Владата ќе продолжи да инвестира во дигитална инфраструктура, унапредување на екосистемот за иновации, како и во програми за поддршка на стартапи и претприемачи во дигиталната економија, истакна Андоновски.

Претседателката на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТСМ) Нина Ангеловска Станков пред почетокот на осмата регионална конференција за е-трговија изјави дека се уште дигиталната зрелост на регионот е на ниско ниво и мораме да работиме за да ја забрзаме. 

– Во просек 27 отсто од компаниите на Западен Балкан продаваат онлајн, но има нерамномерен развој. Ако имаме земји со 48 отсто, а Македонија има само 19 отсто од компаниите да продаваат онлајн. Во просек само два проценти од компаниите од Западен Балкан користат алатки за вештачка интелегинција, за подобрување на работата и продуктивноста и во е-трговија исто така. Во Македонија само еден процент од компаниите користат алтаки за вештачка интелигенција, рече Ангеловска Станков. Според неа, не сме доволно подготвени за да ги искористиме бенефитите за користење вештачка интелигенција.

Маркетинг
Маркетинг
Ad 1
Ad 1