Connect with us

Регион

РСЕ објави делови од ЕУ-извештајот за напредокот: Србија успорува со темпото за реформи, се продлабочува „поларизацијата во општеството“

Најголем напредок на европскиот пат во изминатата година меѓу земјите од Западен Балкан постигна Црна Гора, според редовниот годишен извештај на Европската комисија за напредокот на земјите кандидати за членство во Европската унија, а за Србија и Косово дијалогот за нормализација на односите е се уште клучен, јави РСЕ.

Во делот што се однесува на Србија, се потсетува дека таа отворила 22 од 35 преговарачки поглавја, од кои две се привремено затворени.

ЕК оцени дека властите во Србија „продолжиле да го прогласуваат членството во ЕУ за своја стратешка цел, но вистинското темпо на спроведување на реформите значително се забавило“.

Унијата посочува дека „Србија треба да спроведе кредибилни реформи во сите области“, особено во областа на усогласување со надворешната и безбедносната политика на ЕУ.

„Србија, исто така, треба да преземе многу поголема одговорност за проактивна и пообјективна комуникација за процесот на пристапување на Србија во ЕУ и треба да избегнува анти-ЕУ реторика“, според извештајот во кој имале увид од РСЕ.

ЕУ досега во неколку наврати изјави дека се очекува поголем степен на усогласување на Србија со надворешната политика на Унијата, вклучително и санкциите против Русија.

Србија е една од ретките земји во Европа, заедно со Турција и Белорусија, која не се приклучи на санкциите на Европската Унија против Русија, откако Кремљ започна инвазија на Украина во 2022 година. 

„Стапката на усогласеност на Србија со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ останува ниска“, се наведува во извештајот, додавајќи дека Србија треба значително да ја подобри својата стапка на усогласеност за да напредува на својот пат кон ЕУ.

Во извештајот, исто така, се наведува дека фактот што руските граѓани во Србија брзо го стекнуваат правото „да патуваат без визи во ЕУ“ со доделување српско државјанство претставува безбедносен ризик за ЕУ.

Извештајот, исто така, укажува дека има продлабочување на „поларизацијата во српското општество“ поради „масовните студентски и граѓански протести што се одржуваат низ цела Србија од ноември 2024 година“.

„(Тоа) го одразува разочарувањето на граѓаните од корупцијата и перципираниот недостаток на одговорност и транспарентност, заедно со случаи на прекумерна употреба на сила против демонстрантите и притисок врз граѓанското општество“, се вели во извештајот.

Во Србија, веќе една година траат масовни антивладини протести, на кои се бара одговорност од властите за падот на бетонската настрешница на железничката станица лани во Нови Сад, во која загинаа 16 лица.

Исто така, се апострофира дека во Србија, за време на демонстрациите, се применуваат апсења и други принудни мерки кои „имаат застрашувачки ефект врз граѓанското општество“.

Ова, како што е посочено, беше влошено од „вербални напади и кампањи за клевета, вклучително и од високи функционери“.

Кога станува збор за независноста на судството, во извештајот се наведува дека до одреден степен „несоодветното влијание (на властите) и обидите за ограничување на независноста на судството го поткопаа владеењето на правото и демократијата во Србија“.

Србија, заедно со Турција и Грузија, е една од земјите каде што „слободата на здружување, собирање и изразување“ се влоши.

Кога станува збор за дијалогот меѓу Србија и Косово, во извештајот се наведува дека од Србија и Косово се очекува да ги исполнат сите свои обврски што произлегуваат од договорот.

„И за Косово и за Србија, напредокот на нивниот пат кон ЕУ останува зависен од значителен напредок во нормализацијата на нивните односи. Во отсуство на конструктивен ангажман, двете страни ризикуваат да пропуштат големи можности“, се вели во извештајот.

Според извештајот, Србија е една од земјите што искористи дел од парите од Планот за раст за Западен Балкан.

Во Србија и Босна и Херцеговина, како што е наведено во извештајот, постојат различни ризици од „заробување на државата“ во контекст на борбата против корупцијата.

„Корупцијата останува значаен предизвик на кој земјите во процесот на проширување мора да се справат како приоритет“, се наведува во извештајот.

Во извештајот, исто така, се наведува општа оценка за сите земји-кандидатки дека „процесот на проширување сега оди побрзо отколку во последните 15 години“.

Маркетинг
Маркетинг
Ad 1
Ad 3