Вести
АВМУ: Сите анализирани медиуми генерално известуваа неутрално за учесниците во изборите
За време на изборната кампања во првиот круг од локалните избори не беа констатирани прекршувања на Изборниот законик од страна на радиодифузерите. Прекршувања беа констатирани само за време на изборниот молк од страна на четири радиодифузери. Во однос на балансот во дневноинформативните емисии (ТВ дневник/вести), сите анализирани медиуми генерално известуваа неутрално за учесниците во изборите. Ова се наведува во Извештајот од изборното медиумско претставување во првиот круг од локалните избори 2025 година, за периодот од 29 септември до 17 октомври 2025 година, што го објави Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ).
Мониторингот, како што наведуваат, опфати 11 национални програмски сервиси – МРТ 1, МРТ 2, Собранискиот канал на МРТ, ТВ Алсат-М, ТВ Алфа, ТВ Канал 5, ТВ Сител, ТВ Телма, ТВ 24 Вести, ТВ Компани 21-М и ТВ Шења при што фокусот на анализата беше ставен врз облиците на изборно медиумско претставување. За другите програмски сервиси се постапуваше врз основа на претставки.
– За Локалните избори, имаше дури 153 учесници во изборите и се покажа дека секој нареден изборен процес станува се потешко, па дури и невозможно, целосно да се исполнат принципите на еднаквост и пропорционалност во известувањето зашто и времето во вестите е ограничено, и техничките и кадровските капацитети, дури и на најголемите телевизиски куќи не се толку големи за медиумски да ги покријат сите кандидати, се вели во соопштението.
Десет телевизиски програмски сервиси емитувале интервјуа со учесниците во изборната кампања.
– ТВ Алсат-М и ТВ Сител интервјуата ги емитуваа во дневноинформативните емисии, со тоа што Сител, освен 10-те интервјуа на изборни теми во вестите, емитуваше и 13 интервјуа во други емисии. Најмногу интервјуа емитуваа ТВ Алсат-М (вкупно 30), ТВ Алфа (29), МРТ 1 (28), ТВ Сител (23), ТВ Телма (15), ТВ Шења (13) и ТВ 24 Вести (12). Освен ТВ Сител, сите други анализирани телевизии емитуваа дебати. Најмногу дебати имаше на ТВ 24 Вести (24) и на ТВ Телма (24), по што следуваат МРТ 1 (17), ТВ Канал 5 (13) и МРТ 2 (11), стои во соопштението.
Јавниот радиодифузен сервис и националните телевизии што емитуваа платено политичко рекламирање, како што наведуваат, ја исполнија законската обврска да информираат на начин прилагоден за лицата со сетилна попреченост преку – едно издание на вестите секој ден и едно издание на актуелноинформативна емисија неделно.
– МРТ 1, МРТ 2 и Собранискиот сервис ја исполнија обврската од Изборниот законик и на кандидатите им понудија можност за бесплатно политичко претставување, се вели во соопштението.
Извештајот од изборното медиумско претставување во првиот круг од локалните избори 2025 година е достапен на веб страницата на АВМУ на линкот.
ноември 3, 2025

