Политика
Адеми: Овие избори беа тест на политичкиот и моралниот карактер на државата
Потпретседателот и портпарол на Демократската унија за интеграција која е дел од Националната алијанса за интеграција, Арбер Адеми на вечерашната прес-конференција по завршување на гласањето изрази благодарност до сите граѓани кои денеска го искористиле своето демократско право на глас со одговорност и достоинство.
Според Адеми, овие избори беа тест на политичкиот и моралниот карактер на државата.
-Овие избори беа повеќе од локална трка. Тие беа тест на политичкиот и моралниот карактер на државата. Успешно се соочивме со нечесна и незаконска кампања, која го оцрни процесот и ја наруши еднаквоста на изборниот процес. Сведоци сме на масовно купување гласови, изборен асфалт, ноќно бетонирање, злоупотреба на јавните ресурси и брутална вмешаност на државниот апарат во корист на власта. Сепак, и покрај сите овие злоупотреби, граѓаните покажаа дека знаат да препознаат и не дозволија овие темни методи да го искриват резултатот во првиот круг. Затоа, сме убедени дека нема да успеат да го искриват ниту сега во вториот круг. Нашата доверба е во граѓанинот, во силата на слободниот глас и во достоинството на човекот кој не се продава за реки цемент, набрзина асфалтиран пат или привремен договор – рече тој.
Во оваа чувствителна фаза на процесот, нагласи Адеми, упатуваме директен повик до секој член на изборната комисија, секој набљудувач и до секоја надлежна институција со чесност и со висока професионалност, одговорност да ја гарантираат слободната волја на граѓаните и интегритетот на изборниот процес.
-Секој глас е свет и секое вмешаување е мешање во иднината на државата. НАИ останува цврсто посветена на патот на промените, на граѓанското достоинство и на создавање општество во кое власта се добива со доверба, а не со притисок. Нашиот пат е јасен – патот на демократијата, еднаквоста и европската интеграција. Ние ќе го браниме тој пат со решителност, со спокој и со достоинство – истакна Адеми.
ноември 3, 2025

