Вести
Мицкоски: Во првиот круг граѓаните испратија порака, во вториот круг победата ќе ја направиме историска
 
																								
												
												
											Во обраќањето на завршниот митинг во центарот на Скопје пред вториот круг локални избори в недела, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски рече дека сака за 20 години да ја види Македонија како земја во која „младите нема да си ја замислуваат иднината на некоја друга адреса, туку овде, меѓу своите – да не мора да се враќаат, затоа што никогаш нема да заминат“.
-Иднината не е само технологија и инвестиции. Иднината е култура на чесност, воспитување во труд, во ред, во верба дека успехот не се краде, туку се заработува. И ќе бидам искрен – има ноќи кога бројките, роковите и проблемите ми создаваат притисок. И секогаш кога ќе помислам дека сме направиле доволно или нешто сме поместиле, или дека нешто не можеме, вашата поддршка и доверба ме враќа на земја и ми дава сила. Затоа што ова не е трка на сто метри, ова е маратон со генерации, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Како што рече, во првиот круг скопјани испратија порака, „а во вториот круг победата ќе ја направиме историска – не само заради успехот, туку и заради почетокот кој таа ќе го означи“. Порача и граѓаните да се обединат и да ги надминат поделбите по секаква основа.
-Победата не ја мериме само со разлика во гласови, туку со јасност во свеста дека не се враќаме назад, дека не сме лесно заводлива публика на туѓа математика и празни ветувања. И да, некои ќе измислуваат нови формули, ќе додаваат и вадат, ќе делат и множат, ќе си се залажуваат со математики, а тоа им е слаба страна. Ќе бараат алиби, ќе се споредуваат, ќе губат време на несуштински работи само затоа што не сакаат да погледнат каде грешат, затоа што реалноста е таква. Но бројките се непобитен сведок и вистината е едноставна – Скопје има избор да продолжи напред, го има Орце Ѓорѓиевски. И да не дозволиме повторно да нè подели омразата. Да научиме дека различноста не е слабост, туку доказ дека сме живо општество. Во првиот круг докажавме дека можеме да ѝ се спротиставиме на омразата и поделбите, во градови каде очекуваа да бидеме декор кој ќе изгуби, ние одлучивме да дејствуваме и да создаваме низ заедништво и да планираме долгорочно, истакна Мицкоски.

Повика вториот круг да биде „јасна победа – не само во бројки, туку победа во свеста која ќе покаже дека народот разбира“.
Во обраќањето на завршниот предизборен собир во центарот на главниот град, Мицкоски се осврна и на евроинтеграцијата на земјава и односите со соседите, нагласувајќи дека „нашиот пат кон ЕУ нема да биде понизен, туку достоинствен“.
Македонија не е на прагот на Европа, рече тој, „Македонија е Европа по дух, по вредности, по историја и по достоинство“.
-Но нема да дозволиме никој да ја гази нашата државност и да го условува нашиот идентитет. Со соседите сакаме дијалог, но не и диктат. Ќе соработуваме со секого, вклучувајќи ја и Бугарија, но на основа на почит, рамноправност и европски вредности. Не прифаќаме услови што ја менуваат суштината на македонскиот народ, јазик и историја. Нашиот пат кон ЕУ нема да биде понизен, туку достоинствен. И кога ќе седнеме на маса во Брисел, нема да клекнеме и коленичиме, туку ќе застанеме исправени, со факти, со аргументи и со почит. Македонија ќе биде дел од ЕУ, но со исправен грб и со јасен знак што значи македонски идентитет и посебност. И затоа тука потребна е обединетост на сите – и по партиски и по етнички линии, да нема разлика туку да има заедничка стратегија, порача Мицкоски.
Како што рече, „СДСМ нè стави во каша“, а тој се обврзува дека ќе ги штити националните интереси.
– СДСМ нè стави во каша и сега наместо да молчат, тие сакаат да ја промешаат кашата, па додаваат наводни црвени линии кои треба да се морковот во приказната, пред да дојде стапот кој ќе биде употребен врз државата. Јас тоа не го прифаќам. Со мене секогаш ќе знаете на што сте и јас се обврзувам да ги штитам националните интереси, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
октомври 31, 2025
 
											 
											 
											 
								 
								

 
								 
										 
										 
									 
										 
									 
										 
									 
										 
									 
										 
									 
										 
									 
										 
									 
										