Connect with us

Вести

Во Националната опера и балет одбележан Националниот ден на Австрија

Честитки до Владата и коалициските партнери за успехот на последните избори вечерва упати амбасадорот на Австрија во Македонија, Мартин Памер на свечениот прием во Националната опера и балет по повод националниот ден на Австрија, од каде порача дека двете држави имаат многу заеднички ставови, што според него, се рефлектира и во одличните билатерални односи на сите нивоа и во сите области.

Памер во своето обраќање потсети на значењето на националниот празник, денот кога Австрија го прогласи Законот за постојана неутралност, и го истакна патот на земјата низ историјата, особено во последните 100 години.

„И покрај надежите за мир, времињата не се подобрија, можеби дури и се влошија. Европа денес се соочува со војни, системски закани и глобални предизвици како климатските промени, демографијата и миграцијата“, истакна амбасадорот Памер.

Тој нагласи дека националните празници се можност за осврт кон постигнатото и подготовка за иднината, при што ја истакна успешната билатерална соработка меѓу Австрија и Македонија.

Австрискиот бизнис, потенцира Памер, останува најголем директен инвеститор во македонската економија. Амбасадата, заедно со партнери, придонесе во управување со кризите, поддршка на пожарникарски служби, развој на туризмот и културна соработка. Особено беше истакнат настапот на Филхармонијата на  Македонија, што ќе се одржи утре во Виена, кој е прв ваков настап во австриската престолнина.

Во областа на безбедноста, Памер рече дека оваа година за првпат 70 австриски војници учествуваа во заедничка воена вежба во Македонија, а полициската соработка даде резултати во борбата против криминалот и нелегалната миграција.

Во социјалната сфера, Австрија годишно поддржува многу проекти, а неодамна беа отворени два нови центри – за семејства во социјален ризик и за социјална инклузија.

На крајот од свеченоста, амбасадорот Памер го додели „Златниот крст за заслуги“ на Република Австрија, на како што рече, четворица истакнати пријатели на Австрија: Свето Јаневски, Методија Мирчев, Христо Пејков и Иван Мирковски.

На свеченоста присуствуваа претседателот на Собранието, Африм Гаши, министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, министерката за образование и наука, Весна Јаневска, началникот на Генералштабот, Сашко Лафчиски, како и претставници од верските заедници, бизнис секторот и граѓанското општество.

Маркетинг
Маркетинг
Ad 3
Ad 2
Маркетинг