Вести
Николоски: Од денеска за Мадрид се лета од Скопје, до сега воведовме вкупно 21 авиолинија, бележиме силен раст на патници на двата аеродроми
Од Меѓународниот аеродром Скопје попладнево се реализираше првиот директен лет до Мадрид. Авиокомпанијата „Виз ер“ со субвенции од Владата ќе лета на оваа релација трипати неделно секој вторник, петок и сабота.
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски најави дека по воспоставувањето на директниот лет од Скопје до Мадрид и претходно до Барселона, ќе има уште дестинации од Шпанија. Од изборот на новата Влада минатата година до денес, како што рече, отворени се 21 нова директна авиолинија, а како резултат на промената во политиката за субвенционирање се зголемил бројот на патници на скопскиот и охридскиот аеродром.
Со директниот лет помеѓу Мадрид и Скопје се поврзуваат двата главни града на Македонија и Кралството Шпанија што е многу значајно за развој на туризмот, бизнисот, размената во делот на културата, нешто што навистина значи многу. Лани заедно со ТАВ направивме нова стратегија во начинот на субвенционирање, иноватива политика во субвенционирањето, со што субвенциите ги зголемивме двојно од претходно. За Скопје субвенцијата е 9 евра, а на Охрдскиот 12 за патници во доаѓање, што значи дека стимулираме што повеќе патници да доаѓаат во Македонија. Како резултат на тоа денес гордо можам да споделам дека во периодот јануари – октомври годинава има раст од седум проценти на бројот на патници, на Скопскиот шест, а на Охридскиот за 17 проценти на бројот на патници, односно вкупно 2.862.677, што го надминува далеку бројот на жители во Македонија“, истакна Николоски.
Тој ги наброја воведените нови авиолинии, потенцирајќи дека ќе има уште дестинаци до Шпанија и оти Барселона и Мадрид нема да се последни.
Од Париз, Орли, се лета за Скопје, од Истанбул се лета за Охрид, од Дубаи ќе почне да се лета за Скопје оваа зима. Од Барселона од Лион, од Амстердам и од Љубљана исто така се лета за Скопје, тука се чартерите на Фрибрд ерлајнс коишто секој ден слетуваат на скопскиот аеродром, наскоро ќе бидат и по два дневно. До Охрид почна да се лета од Базел, Ларнака. Мадрид, Штутгарт, Париз, Стокхолм на главниот аеродром почнуваат овие денови. Ја отвораме Женева, како и Келн, Прага, а веќе од пролет Неапол, Будимпешта, Катовице и Вроцлав до Охрид и Милано исто така до Охрид. Вкупно 21 нова дестинација, 21 нова линија за зголемување на бројот на туристи и повеќе бизнис во Македонија“, рече Николоски.
За амбасадорот на Шпанија Рафаел Сориано Ортиз ова е историски ден бидејќи, како што потенцираше, првпат двата главните градови се поврзуваат со директен лет.
Тој ја истакна важноста и на неодамна воспоставнета авилинија со Барселона и порача дека поврзувањето е предуслов за подобрување на билатералните односи помеѓу двете земји.
Убеден сум дека овој нов лет ќе биде многу успешен и ќе биде пресвртница во размената во туризмот, економијата, културата и ќе биде предуслов за поврзување на нашите две земји“, рече амабасадорот Ортиз.
Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија, нагласи дека со оваа авиолинија, Скопјe и Мадрид стануваат поблиски од кога било, а Македонија и Шпанија ги зајакнуваат дипломатските и економските врски, што претставува огромна можност за сите.
Од денеска Мадрид, една од најпосакуваните дестинации на нашите патници, е реалност, и тие ќе можат да уживаат во градот на уметноста, музиката, животот, плоштадите и терасите. Дом на познатиот музеј Прадо, Кралската палата, стадионот Сантијаго Бернабеу, но и на луѓето познати по својата топлина и гостопримство“, рече Курт.
Тој посочи дека оваа авиолинија, како и четирите нови што почнаа да сообраќаат овие денови, се доказ дека поврзаноста на Македонија со Европа се зголемува.
Со зимскиот ред на летови, применлив од изминатиот викенд, Меѓународниот Аеродром Скопјe е поврзан со вкупно 49 редовни дестинации во текот на целата година и 13 чартер летови. За нас во ТАВ Македонија, секоја нова дестинација значи повеќе можности за нашите патници, за туризмот и економијата, но и за нови пријателства меѓу луѓето“, истакна Курт.
октомври 28, 2025

