Connect with us

Економија

СЕПА како двигател на интеграцијата во ЕУ – тема на 16.конференција за плаќања и пазарна инфраструктура

СЕПА како двигател на интеграцијата во ЕУ ќе биде главна тема на конференцијата за плаќања и пазарна инфраструктура што утре и задутре ќе се одржува во Охрид. 

Организатори се Народната банка на Северна Македонија и Централната банка на Холандија кои ја организираат конференцијата по 16-ти пат  продолжувајќи ја долгогодишната традиција на заедничко разгледување на можностите и предизвиците во областа на платежните услуги.

На годинашната конференција ќе учествуваат домашни и странски претставници на централни и деловни банки, небанкарски даватели на платежни услуги, финтек-компании и други релевантни институции, претставници од меѓународните финансиски институции и телата на Европската Унија.

Конференцијата ќе ја отворат гувернерот на Народната банка Трајко Славески и директорката на Секторот за плаќања од Централната банка на Холандија, Инге ван Дијк, а ќе се обрати и генералниот директор на Европскиот совет за плаќања, Џорџо Андреоли.

Гувернерот Славески, заедно со гувернерите на централните банки на Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Молдавија, како и заменик-гувернерката на Банката на Албанија, ќе дискутираат за придобивките од членството во СЕПА, како и за можностите за иден развој на регионот и за негово интегрирање во единствениот европски пазар, уште пред пристапувањето кон Европската Унија. Кон дискусијата на оваа тема ќе се приклучат и претставниците на управните одбори на македонските банки, кои ќе се осврнат на предизвиците во процесот на оперативно поврзување и започнувањето на првите трансакции преку СЕПА на 7 октомври оваа година, ефектите врз надоместоците, конкуренцијата и дигиталната подготвеност, како и на идните чекори на банкарскиот сектор за максимално искористување на придобивките за граѓаните и компаниите.

Во рамки на конференцијата ќе се дебатира и за воведувањето на инстант-плаќањата, потребната регулатива и инфраструктура, како и за регионалната соработка во оваа област. Поконкретно, ќе се зборува за започнатото воспоставување систем за инстант плаќања во земјите од Западен Балкан, заснован на стандардите на ТИПС на Европската централна банка за сигурно, ефикасно и брзо извршување на плаќањата во кое било време во текот на денот, за викенди и за празници, т.н. клон на ТИПС.

– Во услови кога земјите од Западен Балкан се во процес на интеграција во СЕПА, воспоставувањето систем за инстант плаќања со исти процедури и стандарди ќе ја засили регионалната интеграција на платните системи и нивната интеграција во европскиот платежен екосистем. Ќе се разгледа и улогата на новите пазарни чинители, коишто придонесуваат за обликување на новата платежна реалност и трансформација на конкурентноста и квалитетот на платежните услуги, велат од Народната банка. 

Маркетинг
Маркетинг
Ad 3
Ad 1
Маркетинг