Connect with us

Скопје

Мицкоски: Излезете гласајте бројката да биде многу поголема и во Аеродром и во Скопје, најпоразително е седењето дома

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска на собирот со граѓани во Општина Аеродром, ги повика граѓаните на помасовна излезност во вториот круг од локалните избори, истакнувајќи дека апстинирањето од гласање не е решение, бидејќи, како што рече, тогаш ќе имаме нова реалност која нема да ни се допаѓа. Порача дека дека ако сакаме да бидеме силни надвор, потребна ни е поддршката дома.

Мицкоски се заблагодари на Аеродромци, на Скопјани и на сите граѓани во Македонија кои во првиот круг од овие локални избори го дале својот глас и учествувале на изборите. 

-Ако направиме кратка рекапитулација, тогаш ќе дојдеме до една импресивна, историска бројка од 33 општини што во првиот круг завршија и избраа градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, наспроти три од СДСМ и сега во вториот круг имаме 26 кандидати, од кои убедливо најголемиот дел се во големо водство како што е случајот тука во Аеродром и во Скопје, а во неколку општини нашиот кандидат е второпласиран, но е во вториот круг од овие локални избори, рече Мицкоски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ порача дека нема да се откажат од ниту една општина и оти ќе се борат за секој еден глас, за секоја една општина во којашто имаат можност и имаат шанса за градоначалник.

-Ако успееме во сите 26, тогаш кога ќе се додадат на овие претходниве 33, тогаш добиваме вкупно 59 градоначалници, нешто што е навистина историско постигнување. Убеден сум дека ако не до таа бројка, тогаш барем блиску до таа бројка ќе дојдеме во вториот круг од локалните избори, рече Мицкоски. 

Тој упати порака до граѓаните дека на овие избори имаат три опции, повикувајќи ги на масовна излезност.

-За мене она што е уште поважно е што треба да испратиме една јасна порака дека на овие избори имаме три опции – едната опција е коалицијата која ја предводи ВМРО-ДПМНЕ, втората опција е коалицијата што ја предводи неформално коалицијата СДСМ-ДУИ, и третиот избор е да седиме дома. Според мене, најпоразителен е третиот избор, затоа што со седењето дома вие не испраќате никаква порака. Ако некој мисли дека на тој начин покажува дека е револтиран за да привлече внимание – се лаже. Дозволува останатите кои излегле на избори да одлучуваат за неговата иднина. Тие го креираат бранот, а останатите кои останале дома, тој бран ги носи без да имаат можност да учествуваат во неговото креирање. Мојата порака е до сите оние кои размислуваат во општините каде што ќе има втор круг дали да излезат да гласаат – мојата порака е излезете, гласајте. Гласајте по вашето лично убедување. Длабоко сум убеден дека ако одлучувате според разум, душа и срце, сигурно ќе одлучите за бројот 9, овде во Аеродром за Дејан и за Орце за Град Скопје, порача Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ упати порака и до членовите и симпатизерите на СДСМ.

-Во кампањата велев дека и на нив не им е пријатно да го гледаат некогаш големото СДСМ на некогаш големата државотворна партија како се бори едвај да го надмине прагот од 100.000 гласови. Сега таму не зборуваме за биолошки миниум, сега зборуваме за исчезнување. Единствениот начин да си помогнат себеси и да и помогнат на СДСМ е да излезат на вториот круг и да заокружат за бројот 9, за политичка партија која прави промена. Ако излезете и гласате за СДСМ тогаш го легитимирате сегашното раководство и тогаш на следните избори бројката ќе биде под сто илјади. И тогаш имаме проблем, но тој проблем не е толку голем за СДСМ. Ако гледаме во една иднина тогаш ќе дојдеме до заклучок дека намалувањето на бројот на пратеници поради апстинирање или разочарување е државен проблем, рече тој.

Според него, ваква опозиција каква што е, не верува дека ќе може да направи резултат којшто може да биде во каква било насока компетитивен.

-Но, губи државата. И затоа апстинирањето, седењето дома и намалувањето на бројот на пратеници на опозицијата значи поинаков количник во домот. Тогаш состојбите ќе бидат поинакви, тогаш ќе имаме нова реалност која нема да ни се допаѓа. Излезете гласајте, бројката да биде многу поголема во Општина Аеродром и во Скопје во вториот круг, рече Мицкоски.

Тој се осврна и на целите и плановите кои допрва треба да се реализираат, но и спомена за жртвите кои како партија ги направиле реализирајќи одредени цели.

-Јас ги разбирам луѓето кога зборуваат дека им е преку глава од политика и од се. Затоа што политиката не е ниски страсти и црна кампања, лаги и конструкции – со една цел, да дојдеме до власт. Политиката е многу посуштинска. Политиката е да имаш цел, како и во животот. Ние имам многу статешки цели и планови, дел ги реализираме, дел се реализираат, мал дел не успеавме, ќе успееме понатаму. Понекогаш додека ги реализиравме овие цели крваревме како ВМРО-ДПМНЕ и поднесовме жртва, не беше лесно. Многу ми беше тешко кога ги гледам во очи нашите сопартијци од Тетово, од Гостивар, Струга, Чаир, Дебар. И за тоа плативме цена. За тоа има жртви. И ние не бараме ништо, не бараме за возврат ништо, затоа што имаме план и цел. Ние бараме почит. Само почит за жртвата која сме ја дале за друг. Не ја добивме. И тоа нема да го заборавиме, подвлече Мицкоски.

Кажа дека ако сакаме да бидеме силни надвор, потребна ни е поддршката дома.

-Ние освен дома, мора да победуваме и во Лондон, Берли, Париз, Вашингтон, Рим, Брисел и во други главни градови на земји кои се влијателни во светот, затоа што преку нас се проектираат интересите на еден од малубројните народи во Европа кој во историјата покажа дека кога е обединет можел да совлада многу поголем и помоќен противник. Важно ни е и тоа што нас не инспирира и не прави силни надвор, за да можеме да го вратиме се она што претставува наша гордост е поддршката на народот. Ако таа ја нема, тогаш сетете се што се случуваше пред 5, 6 или 7 години. Не смееме да бидеме монета за поткусурување, нагласи Мицкоски. 

Мицкоски за кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначаник на Аеродром, Дејан Митески рече дека е скромен човек, кој е мошне трудољубив и посветен на работните задачи.

-Тој многу посветено работи кога ќе се зафати за некои активности и знам колку време посветува за Аеродром, за аеродромци, за Скопје и знам колку се бори за проект повеќе. Беа одличен тандем кога беа во општината со Тимчо. Само сакам да кажам дека Дејан ја има мојата недвосмислена целосна поддршка до крај, ја има и поддршката од Владата да реализира што е можно повеќе проекти за Аеродром. Убеден сум дека по 2 ноември една од главните, првите суштински задачи ќе биде конечно да го исчистиме целиот смет и јас давам збор и мој приоритет ќе биде решавање на депонијата Вардариште, рече Мицкоски.