Економија
Македонија доби околу 2,5 милиони евра од Планот за раст за постигнати резултати во намалување на неформалната економија

Министерството за економија денеска соопшти дека Европската комисија, во најновиот извештај за имплементацијата на Планот за раст, потврдила дека Северна Македонија упешно ја спровела реформската мерка 4.1.1 – „Справување со неформалната економија во поддршка на Стратегијата за формализација на неформалната економија“.
Целта на мерката е унапредување на формалната економија преку интензивирање на инспекцискиот надзор и примена на пристап заснован на проценка на ризик, со фокус на секторите најподложни на неформални активности, градежништво, туризам и земјоделство.
– Според оценката на Европската комисија, земјата далеку ги надминала поставените цели за зголемување на бројот на инспекции и резултатите од надзорот во рамките на оваа реформа со вкупна вредност од приближно 2,5 милиони евра, насочени кон јакнење на институциите, дигитализација на инспекциските служби и зајакнување на формалната економија. Државниот инспекторат за труд (ДИТ) спроведе 16.464 инспекции во периодот јули 2024 – јуни 2025, што претставува 242% зголемување во однос на целта за 20% зголемување во однос на просекот од 2020–2023 година, велат од Министерството за економија.
Оттаму посочуваат дека се откриени 543 нерегистрирани работници, што е зголемување од над 200 проценти во однос на претходните години. Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) реализирал 669 инспекции, што е 40 проценти повеќе од целната вредност, при што издадени се 222 управни решенија, а 18 нерегистрирани економски оператори се затворени поради непочитување на законите.
октомври 23, 2025