Connect with us

Вести

Доказна постапка во „Онкологија“ – обвинителството читаше списи за лекови и терапии

На денешното рочиште за случајот „Онкологија“, во Основниот кривичен суд Скопје, продолжи распитот на сведоци.

Судењето е во фаза на доказна постапка, а денешното рочиште вклучуваше и читање на докази од страна на Обвинителството кои, меѓу другото, вклучуваа списи од пронајдени лекови во канцеларијата на Васев.

Поранешниот директор на Клиниката за онкологија Никола Васев, заедно со уште двајца онколози Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски, вработени на Клиниката за радиотерапија и онкологија Скопје, се обвинети за несовесно лекување пациенти. Постапката започна против уште еден онколог, второобвинетата Мери Пешевска, која призна вина, по што судот ја осуди на две години условна казна затвор.

Обвинението ги товари лекарите за продолжени „тешки дела против здравјето на луѓето“ и „несовесно лекување“, при што кај 29 пациенти биле применети неподобни терапии, со отстапувања во дозирањето и без соодветна проценка на здравствената состојба. Покрај ова, против Васев и поранешниот економски директор на Клиниката е поднесено уште едно обвинение за злоупотреба на службена положба и проневера, со штета од над 2,2 милијарди денари на државниот буџет.

Случајот го води судијката Снежана Марковска, а застапник на обвинението е јавната обвинителка од ОЈО Сопје Ана Гоговска Јакимовска. Судењето продолжува на 5 ноември 2025 година.