Connect with us

Вести

Во пет од десет скопски општини ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата ќе имаат мнозинство во советот

Во пет од десет скопски општини ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата ќе имаат мнозинство во советот. Мнозинство советници ВМРО-ДПМНЕ ќе имаат во општина Аеродром, Бутел, Гази Баба, Ѓорче Петров и Кисела Вода. Интересно е тоа што во Општина Сарај во прв круг победи Мухамет Елмази од ВРЕДИ, додека мнозинство во советот ќе има НАИ.

Во Советот на Општина Аеродром, според обработени 99,90 проценти од гласовите, мнозинство ќе има ВМРО-ДПМНЕ со 15 советници. Во 27 члениот совет, Левица влегува со  шест советници, СДСМ со пет и ЗНАМ со еден.

Во Аеродром е извесен втор изборен круг, каде што кандидатот Дејан Митевски од ВМРО-ДПМНЕ освои 49,09 проценти од гласовите, пред кандидатот на СДСМ, Александар Трајановски, кој има 20,79 проценти.

Во Советот на Општина Бутел, според 100 проценти обработени гласови, ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата ќе имаат мнозинство со 10 советници. Во 19 члениот совет на Општина Бутел влегуваат и четири советници до НАИ, три од Коалицијата ВРЕДИ и по еден од СДСМ и Левица.

Во Бутел, во прв круг победи досегашниот градоначалник Дарко Костовски од ВМРО-ДПМНЕ кој има 52,96 проценти пред Исамедин Азизи од НАИ со 28,17 проценти.

Во Советот на Општина Гази Баба, според 100 проценти обработени глаови, мнозинство ќе имаат ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата со 17 советници. Во 27 члениот совет, влегуваат и по четири советници од СДСМ и Левица и по еден од НАИ и Коалицијата Вреди.

И во Гази Баба, досегашниот градоначалник Бобан Стефковски од ВМРО-ДПМНЕ победи во првиот круг со 58,42 проценти, пред  Влатко Митовски од СДСМ со 18,00 проценти.

Во Советот на Општина Ѓорче Петров, според 100 проценти обработени гласови мнозинство ќе имаат ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата со 14 советници. Во 23 члениот совет, влегуваат и по четири советници од СДСМ и Левица и еден советник од ЗНАМ.

Кандидатот Александар Стојковски од ВМРО-ДПМНЕ со 55,73 проценти повторно е избран за градоначалник на Ѓорче Петров, а неговиот противкандидат од СДСМ, Костадин Ацевски, освои 18,37 проценти.

Во Советот на Општина Карпош, според 100 проценти обработени гласови, најмногу советници ќе има ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата – 11, а во 27 члениот совет место имаат и по четири советници од Коалицијата „Искуство за успех“, СДСМ и Левица, тројца независни и еден од ЗНАМ.

Во Карпош ќе има втор груг. Сотир Лукровски од ВМРО-ДПМНЕ освои 34,51 проценти, пред Стевчо Јакимовски од ГРОМ има 29,40 проценти.

Во Советот на Општина Кисела Вода, според 100 проценти обработени гласови, мнозинство ќе има ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата со 17 советници. Во 27 члениот совет, место ќе имаат и пет советници од Левица, четири од СДСМ и еден од ЗНАМ.

Во Кисела Вода, Бети Стаменковска Трајковска од ВМРО-ДПМНЕ е избрана во првиот круг со поддршка од 57,36%, пред Јане Ацевски од Левица кој има 16,81 проценти.

Во 23 члениот Совет на Општина Центар, според 100 проценти обработени гласови, најмногу советници ќе има СДСМ со осум места, потоа ВМРО-ДПМНЕ со седум, Левица – 3, ЗНАМ – 2, еден од Коалиција „Зелена иднина“ и двајца независни.

Во Центар, градоначалник ќе се бира во во вториот круг, а ќе се гласа за Горан Герасимовски од СДСМ со 38,21 проценти и за Мирослав Лабудовиќ од ЗНАМ кој освои 25,53 проценти.

Во Советот на Општина Сарај, според 100 проценти од обработените гласови, мнозинство ќе има НАИ. Останатите девет советниви во 19 члениот совет се од Коалицијата Вреди.

Во Сарај, во прв круг победи Мухамет Елмази од ВРЕДИ со 50,28 проценти, пред Блерант Рамадани од НАИ со 47,55 проценти.

Во Советот на Општина Чаир, според 99,69 проценти обработени гласови, мнозинство ќе има Коалицијата ВРЕДИ со 14 советници. Во 27 члениот совет, место ќе имаат и 11 советници од НАИ и по еден од ВМРО-ДПМНЕ и ДП на Турците.

Изет Меџити од ВРЕДИ ќе биде нов градоначалник на Чаир со поддршка од 51,82 проценти, додека Бујар Османи од НАИ ОСВОИ 40,39 проценти.

Во 19 члениот Совет на Општина Шуто Оризари, според 100 проценти обработени гласови, најмногу советници ќе има Унија на Роми со шест места. Вреди и ВМРО-ДПМНЕ ќе имаат по четири советници, НАИ три и по еден од Сојуз на Роми и Демократски сили на Ромите.

Во Шуто Оризари, во втор круг одат Курто Дудуш од Унија на Роми со 36,57 проценти и Ерџан Демир од ВМРО-ДПМНЕ со освоени 20,69 проценти.