Скопје
Ѓорѓиевски: Скопје гласаше за визија, за конкретни проекти и за одговорно работење

Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски кој влегува во вториот круг од трката за прв човек на Градот, денеска им се заблагодари на сите граѓани за секоја подадена рака и за огромната доверба во првиот круг од локалните избори.
– Резултатот е јасен и недвосмислен, Скопје гласаше за работа. Скопје гласаше за визија, за конкретни проекти и за одговорно работење. Скопје избра иднина! Оваа победа и водство во првиот круг не е моја лична победа. Ова е победа на сите вас кои верувате во развиено, европско и функционално Скопје. Вашата доверба е најголемиот мотив, но и најголемата обврска за мене. Вие испративте јасна порака дека нашиот град заслужува и може многу подобро. Пред нас е втор круг. Првото полувреме го добивме убедливо, со огромна поддршка, но натпреварот сè уште не е завршен. Работата мора да ја довршиме. Победата мора да ја потврдиме и да ја направиме уште поголема. Затоа, нема застанување. Уште од денес, продолжуваме со уште посилно темпо. Во наредните две недели, заедно со мојот тим, ќе бидеме присутни во секое маало, на секоја улица, во секој дом. Ќе разговараме со уште повеќе граѓани, ќе ја претставиме нашата програма и ќе ги слушнеме вашите идеи и критики, истакна на денешната прес-конференција Ѓорѓиевски.
Тој упати порака до сите граѓани кои во првиот круг од изборите не излегле на гласање или пак гласале за друг кандидат.
– Вратата на нашата коалиција е отворена. Нашата визија е за обединето Скопје, а не за поделен град. Ве повикувам да ни се придружите, да се обединиме околу идејата за подобро Скопје за сите нас. Уште од денес ќе разговарам со сите кандидати и политички структури кои не влегуваат во вториот круг. Ќе понудам соработка, затоа што на Скопје му треба работа, не политика. Тимот кој ќе го води Скопје ќе биде составен од најдобрите. Овој град изгуби премногу време во експерименти. Доста е. Да засукаме ракавите и да покажеме дека треба работа. Ве повикувам за поддршка, во вториот круг да излеземе уште помасовно. Да ја потврдиме волјата на мнозинството и да ја запечатиме конечната победа. Ова е битка за развиено и функционално Скопје, нагласи Ѓорѓиевски.
октомври 20, 2025