Вести
Силјановска Давкова: Очекувам мирни и демократски локални избори со поголем легитимитет

Очекувам демократски избори. Малку е покомплицирано на прв поглед, има повеќе листи, но според мене тоа им дава поголем демократски легитимитет на изборите, порача претседателката Гордана Силјановска Давкова, која го оствари своето избирачко право на локалните избори во ОУ „Коле Неделковски“ во Скопје.
Таа нагласи дека и покрај тоа што пратениците не ја пополнија правната празнина по одлуката на Уставниот суд, стравот од правна несигурност бил неоснован.
-Се покажа дека иако пратениците пропуштија да го сторат тоа што им е основна обврска да ја пополнат правната празнина после одлуката на Уставниот суд, дека стравот беше безпричински. Да има повеќе кандидати, колку што гледам, ама веројатно граѓаните добија и повеќе избор, рече претседателката.
Во однос на атмосферата на гласачкото место, Силјановска Давкова истакна дека сè било мирно и дека денот наликувал на обичен. „Јас ја извршив својата граѓанска обврска, очекувам тоа да го сторат и другите граѓани“, додаде таа.
Претседателката очекува дека уште денеска ќе се добијат првични информации за текот на изборите, а за вториот круг, кој следи за градоначалниците, посака повторување на денешната „досадна изборна граѓанска слика“.
октомври 19, 2025