Вести
АВМУ: Прекршочни постапки за ТВ Компани 21-М и ТВ Шутел поради прекршување на изборниот молк

Врз основа на извештаи од извршен мониторинг над изборното медиумско претставување, Советот на Агенцијата на денешната 14 седница одлучи да поведе прекршочни постапки против ТВ Компани 21-М и ТВ Шутел поради прекршување на изборниот молк во првиот круг од Локалните избори 2025.
Како што соопшти АВМУ, спротивно на Изборниот законик, ТВ Компани 21-М вчера (18 октомври), на првиот ден од изборниот молк, емитувала реприза на посебната информативна програма Клик плус – Изборни дебати, премиерно емитувана на 17 октомври.
– Реализирана како дебата во која учествуваат тројца кандидати за градоначалник на Општина Центар, односно емитуваше информации и аудиовизуелни материјали во кои учествуваат учесници во изборите – наведува Агенцијата во соопштение.
ТВ Шутел, пак, вчера и денеска (18 и 19 октомври) за време на двата дена од изборниот молк „емитува информации и аудиовизуелни материјали во кои учествуваат учесници во изборите, односно емитуваше музички спот и документарна емисија во кои се појавува кандидат за градоначалник на Општина Шуто Оризари“.
октомври 19, 2025