Скопје
Османи: 19 октомври е референдум за иднината на Чаир

Кандидатот за градоначалник на Општина Чаир, Бујар Османи, во своето завршно обраќање пред изборниот молк испрати силна порака до граѓаните, особено до оние кои, како што рече, „се тивката сила на секои избори“ и ја носат вистинската промена.
„Чаир има избор: да остане заробен во минатото или да отвори врата кон иднината. Знам дека многумина сте разочарани, дека велите ‘сите се исти’. Но тоа не е вистина. Разликата е во тоа дали ќе останете дома и ќе дозволите други да одлучуваат за вас, или ќе излезете и ќе ја земете иднината на Чаир во свои раце“, изјави Османи.
Тој упати повик до сите граѓани кои чесно живеат и работат, но се разочарани од политиката, да му ја дадат својата поддршка.
„Сакам да испратам јасна порака до оние кои тивко ја следат кампањата, кои не кажуваат што ќе направат. Дајте ја поддршката за мене и вашиот глас вистински ќе вреди. Ќе добиете општина која ве слуша, која ве уважува, која работи за вас“, порача Османи.
Османи истакна дека промената секогаш ја носеле граѓаните без партиски интереси, кои гласаат со совест, а не со страв.
„Тивкиот глас е најмоќниот. Тој глас ја менува историјата. Во недела, 19-ти октомври, нека се слушне и вашиот глас, гласот на разумот, достоинството и надежта.“
Во својата порака, тој подвлече дека секој глас е чин на храброст и одговорност кон иднината на Чаир.
„Вашиот глас е вашето оружје против хаосот. Вашиот глас е вашата сила против корупцијата. Вашиот глас е чекор кон ред, кон достоинство, кон иднина“, порача Османи.
октомври 17, 2025