Connect with us

Политика

Митева: Итна реакција од сите надлежни институции за скандалозното однесување на Дехари

Почитувани граѓани,

Снимките кои излегоа во јавноста, на кои јасно се гледа односот на градоначалникот на Кичево, Фатмир Дехари, кон жени вработени во Општината, претставуваат скандал и срам за државата.

Навредите, понижувањето и злоупотребата на службената позиција се однесување кое не му доликува на човек, а уште помалку на градоначалник. Наместо пример на чесност и одговорност, гледаме ароганција, непочит и злоупотреба на моќта.

Најостро го осудуваме овој чин и бараме итна реакција од сите надлежни институции и организации, од Јавното обвинителство кое треба и мора да го провери овој случај, дали бил изолиран или пак станува збор за начин на делување на Дехари, па се до Народниот правобранител и сите организации кои ги застапуваат и штитат правата на жените.

Почитувани,

Овде нема простор за молк, ова е чин за осуда и санкционирање. Секој кој ја злоупотребува својата функција за навредување и вознемирување на своите вработени мора да сноси кривична, но и морална одговорност. Дехари со ваквото однесување ја изгуби секоја доверба, градоначалник кој покажал такво непочитување кон жените и институцијата што ја води, не ја заслужува довербата на граѓаните.

И сигурни сме дека и албанската заедница се срами од ваквото однесување, бидејќи ова не е прашање на етничка припадност, туку на човечко достоинство и морал.

Молкот е форма на одобрување, тоа не смееме да го дозволиме. Нема повеќе место за навреди и понижувања од ваков тип во политичкиот дискурс. Како ВМРО-ДПМНЕ, секогаш ќе стоиме на страната на достоинството, правдата и заштитата на жените од било каква злоупотреба и понижување.