Connect with us

Политика

Мицкоски: Филипче никогаш не бил со народот, туку со Заев и луксузот на јахтата

На прагот сме на уште едни избори на кои се носи одлуката за вашата иднина. Ова се избори од кои зависи како ќе се развива вашата општина, вашето маало, вашата улица. Од тоа дали ќе добиете ваш човек кој ќе биде вашиот глас во администрацијата или ќе имате човек и елита која ќе живее на вашиот грб. А, иднината се состои од вашите одлуки денес и од изборите кои ги правите токму денес, порача до македонските граѓани претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешниот народен митинг во Кратово во рамките на кампањата со слоган „Вистинскиот избор! Со твојот човек! За твоето место! За твојата иднина!“ за локалните избори кои ќе се одржат во недела на 19 октомври.

Мицкоски изрази убедување дека и граѓаните знаат дека коалицијата „Твоја Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ е вистинскиот избор и опција која нема да разочара и која секогаш е со народот.

-Од другата страна имаме измамници во политиката, луѓе кои со децении изградија кариери и бизниси на штета на државата и на штета на заедничкиот интерес на граѓаните. Со едниот избор одите напред, а со другиот се враќате назад кон темното минато на договори во четири очи, срамни отстапки за идентитетот. Во времето кога најважно беше врхушката на власт да биде ситуирана, а народот гладен. Тоа се политичарите коишто ги украдоа сите наши заеднички соништа и донесоа сиромаштија и направија гладен народ. Нашите конкуренти немаат програма, никој не им ја видел, затоа што на овие избори дојдоа со празни и лажни ветувања. Така произволно дадени, потценувајќи го народот, а јас ви велам, мерете не по делата и програмата која ја нудиме, изјави Мицкоски.

Мицкоски додаде дека СДСМ и нивната коалиција покажаа дека го потценуваат народот излегувајќи на овие избори во оваа кампања со тоа што од првиот ден, па се до денес водат исклучиво само црна кампања. Тој се осврна и на Венко Филипче кој вели дека бил со народот, но граѓаните добро знаат дека тој бил со неговиот гуру од Струмица, Зоран Заев кои донесоа најголема сиромаштија за граѓаните, а нив ги гледавме како крстарат со јахти по Егејското крајбрежје.

-Филипче вели дека кога било најтешко бил со народот. Што не е вистина, а и сите вие тоа го знаете, тој бил со неговиот ментор и гуру од Струмица и тие заедно двајцата како тандем го донесоа најтешкото време за целиот народ. И кога беше најтешко и кога народот, буквално, мака мачеше како да го помине денот, нив ги гледавме како се луксузираат на скапо платената јахта, крстарејќи по Егејското крајбрежје. И сите знаат дека дебело ќе загубат, а претседателот на СДСМ Венко Филипче, не може ниту сопствени пратеници да ги убеди, па затоа многу тешко можете да видите пратеник од коалицијата која ја предводи СДСМ на митинзите кои ги организира СДСМ и коалицијата, рече Мицкоски.

Затоа, посочи Мицкоски, разликата помеѓу нив и нас е тоа што ние имаме визија за секое место и општина која ја посетуваме и токму затоа ги повика граѓаните да излезат на гласање во недела и масовно да гласаат за ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата заокружувајќи го бројот 9 за кандидатите за градоначалници и советничките листи.

Кандидатот за градоначалник на општина Кратово, од Коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Тодорче Николовски, на митингот истакна дека ќе продолжи развојот на општината и ги наведе капиталните проекти кои ќе се реализираат во иднина, како инвестиции во образованието, инфраструктурата, детската заштита, културата, спортот и подобрување на животот во селските и руралните средини како и посветување внимание на економијата и туризмот.

-Реконструкција на стара училишна зграда (Стаклара). Изградба на канализационен колектор и уредување на дел од Манцева и Кратовска Река во вкупна должина од 520 метри. Изградба на рекреативен градски парк во „Карши Бавча“. Решавање на проблемот со чиста вода за пиење во селските средини. Изработка на техничка документација, конзервација и ревитализација на Горни Амам. Реконструкција на најголемиот дел на улици во „Царина маала“, чија реализација е започната и се одвива извесен период, вели Николовски.

Кандидатот за градоначалник на општина Кратово, Тодорче Николовски наведе дека ќе се реконструираат бројни улици и локални патишта, но и дека ќе се изврши реконструкција на детската градинка и асфалтирање на локални патишта.

-Реконструкција на речиси сите улици во „Зорле маала“, за кое нешто е избран изведувач и потпишан Договор за реализација. Спроведени постапки со избрани понудувачи постојат и за следниве значајни проекти: Реконструкција на локален пат од село Близанци кон Мушково во должина од 2.6 километри, изградба на улица Кочо Рацин, реконструкција на улицата Никола Тесла, реконструкција на детската градинка Царка Андреевска, асфалтирање на локален пат во село Вакув, асфалтирање на локален пат во с. Сакулица, рече Николовски.