Connect with us

Регион

Премиерот на Луксембург ги повикува членките на ЕУ да одлучат за пристапувањето на Црна Гора следната година

Премиерот на Луксембург, Лук Фриден, изјави во Европскиот парламент дека е потребен пократок и појасен временски рок за земјите кои сакаат да се приклучат кон Европската Унија и дека одлуката за пристапувањето на Црна Гора треба да се донесе следната година.

Проширувањето е прашање од стратешки интерес, рече Фриден во обраќањето пред европратениците во Стразбур вчера, предупредувајќи дека држењето на земјите кандидати „во вечна чекалница“ ризикува да ги оддалечи од Европа.

-Затоа, потребно е да се оживее надежта и да се покаже дека пристапувањето кон ЕУ е реално и блиску. Во оваа смисла, треба да поставиме појасни и поблиски рокови, рече премиерот на Луксембург, објави ЕП.

Фриден додаде дека е време да се финализираат преговорите и да се одлучи за пристапувањето на Црна Гора следната година.

Порталот „Луксембург тајмс“ пишува дека неговата изјава е изненадувачка, наведувајќи дека никој толку јасно не повикал на прием на мала балканска земја во 2026 година.

-Оваа политичка посветеност на политиката на проширување, која Фриден ја гледа помалку како формална вежба, а повеќе како геополитички инструмент, веројатно е она што најјасно го разликува од неговиот претходник и сегашен министер за надворешни работи, Ксавиер Бетел, кој беше многу поскептичен во овој поглед, оценува „Луксембург тајмс“.

Фриден рече дека ЕУ треба да го преиспита процесот на донесување одлуки, а ја спомена и идејата за европски концентрични кругови, со различни степени на интеграција на земјите.

„Во светлината на сè пожестоката меѓународна конкуренција, Европа мора да ги преиспита своите процеси на донесување одлуки и да ја преиспита идејата за Европа на концентрични кругови со помала основна група земји-членки“, рече премиерот.

Фриден во своето обраќање пред европските парламентарци рече дека Европа мора да се посвети на своите фундаментални вредности на слободата, демократијата и владеењето на правото, оценувајќи дека меѓународниот поредок на правила, договори и институции денес е под притисок како никогаш досега.

„Но, Европа не може да го напушти меѓународното право и системот заснован на правила. Ние мора да останеме гласот на овие вредности“, рече Фриден.

Тој ги поздрави предлозите на Европската комисија за зголемување на трошоците за одбрана и заедничките набавки и развој на европската индустриска база.

Според соопштението на ЕП, Фриден нагласи дека земјите-членки мора да ја користат својата индустриска разновидност за да ја одбранат Европа од оние кои ги доведуваат во прашање нејзините вредности.