Регион
Бегај од Самитот Брдо-Бриони: Регионалниот дијалог е важен инструмент, мора да бидеме обединети во интересите и обврските

Албанскиот претседател Бајрам Бегај, кој е домаќин на Самитот Брдо-Бриони, што се одржува во познатото одморалште Голем, кај Драч, во обраќањето на отворањето, порача дека регионалниот дијалог е важен инструмент и оти Албанија целосно го подржува.
-Албанија го поддржува регионалниот дијалог. Го цениме постигнатиот напредок во овие насоки. За нас, тоа останува главен инструмент за интеграција во ЕУ. Се стремиме и бараме да ја донесеме интеграцијата во ЕУ во регионот. Мораме да бидеме обединети во интересите и обврските, за заедничка иднина и заедно да се движиме кон европска иднина, рече Бегај.
Тој посебно се задржа на аспирациите на Албанија за членство во Европската Унија кои „не се само политичка цел, туку национална мисија“.
-Интеграцијата во ЕУ продолжува да ужива огромна поддршка во нашето општество, бидејќи ги одразува вредностите со кои се идентификуваме: демократијата и владеењето на правото. Албанија постигна опиплив и мерлив напредок за кратко време, рече претседателот Бегај.
Исто така, нагласи дека земјата веќе отворила 5 од 6 преговарачки поглавја и работи на понатамошен напредок во судските реформи, зајакнување на владеењето на правото и борбата против организираниот криминал, додавајќи дека цел на неговата земја е да ги заврши техничките преговори до крајот на 2027 година и да станеме полноправна членка на ЕУ во 2030 година.
На пленарната сесија учесниците ќе дискутираат на теми поврзани со регионалната соработка, добрососедските односи, европската интеграција, Планот за раст на ЕУ, младите и развојот на политики за задржување на квалификувана работна сила, особено младите луѓе.
Покрај пленарната сесија и прес-конференцијата што претседателот Бегај ќе ја одржи заедно со своите колеги од Словенија, Наташа Пирц Мусар и Хрватска, Зоран Милановиќ, (државите копретседатели на „Брдо-Бриони“), предвидени се и билатерални средби меѓу лидерите учеснички за време на одржувањето на овој самит.
Се очекува овој самит да донесе релевантни заклучоци, кои се сметаат за поттик за зголемување на соработката меѓу земјите учеснички и нивниот напредок.
Албанија, Косово, Црна Гора, Северна Македонија, Босна и Херцеговина и Србија се дел од Процесот Брдо-Бриони, иницијатива од 2010 година на Словенија и Хрватска, две земји-членки на ЕУ.
октомври 7, 2025