Connect with us

Хроника

Кривична пријава за поранешен директор на дебарската подружница на ЈП „Национални шуми“

Дебарското одделение за внатрешни работи поднесе кривична пријава против поранешен директор на подружницата „Стогово“ на ЈП „Национални шуми“, поради злоупотреба на службена положба.

Според Стефан Димоски, портпарол на Секторот за внатрешни работи – Охрид, кривична пријава е поднесена против Л.Р.(61) од Дебар, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „Злоупотреба на службена положба и овластување“ по член 353 од Кривичниот законик.

-Пријавениот Л.Р. во текот на 2024 година, во својство на директор на јавно претпријатие за стопанисување со државни шуми „Национални шуми“, ПО Скопје, подружница „Стогово“ – Дебар, објавил јавен повик за склучување на договор за закуп на плац за складирање на огревни дрва во Дебар. Со искористување на службената положба и овластување, потоа подметнал фиктивна понуда за плац, наводно навремено поднесена и со пропуштање на должен надзор и увид дали парцелата ги исполнува минималните услови наведени во јавниот повик, додаде Димоски.

Посочи дека спротивно на предвидените услови, Л.Р. склучил договор за подзакуп и закуп на недвижен имот градежно неизградено земјиште во Дебар. Со тоа, Л.Р. на јавното претпријатие му нанел штета од 615.495 денари.