Вести
Владата со демант: СДСМ повторнo шири лаги, исплатата за 400 пожарникари е во тек

Владата во соопштение до медиумите реагираше на критиките од опозициската СДСМ, поврзани со мерката за ангажирање 400 пожарникари, нарекувајќи ги тврдењата на опозицијата „манипулации и политички напади“.
-СДС продолжува да го злоупотребува своето медиумско време за да манипулира со фактите и да шири лаги, мерката за 400 пожарникари е уште една во низата бескрупулозни политички напади. Наместо да се посветат на вистината, тие повторно се обидуваат да создадат хаос и да ја манипулираат јавноста со неточни информации, се наведува во соопштението од Владата.
Фактите се едноставни и непобитни, велат од Владата и посочуваат дека ова е првпат во историјата на нашата држава да се имплементира мерка за вработување која целосно ги искористува расположливите ресурси, со цел да се заштитат граѓаните од природни катастрофи и да се подобри животната средина.
-Што се однесува до исплатата на учесниците за оваа мерка која е наведена како 6.2 во оперативниот план и е наменета за заштита од пожари, апсолутно нема никаква поврзаност помеѓу распишувањето на локалните избори и исплатата на средствата, од причина што средствата се обезбедени и не станува збор за никакво вонредно плаќање!, посочуваат од Владата.
За лицата кои се вклучени во оваа мерка, од Владата информираат дека беа ангажирани на 08.08.2025 година, документацијата (извештајот за редовност) за исплата од страна на организаторот е веќе во тек и ќе биде испратена до центрите за вработување по што ќе следи и исплатата.
-За разлика од СДС, ние работиме отчетно и транспарентно. Нашата работа продолжува да биде фокусирана на интересот на граѓаните, додека тие се заглавени во манипулации и измислици. Ние сме тука да носиме конкретни решенија, додека опозицијата ќе продолжи да лаже и да се обидува да го наруши јавниот мир со невистинити приказни. Не им дозволуваме да ја кријат вистината, а сите обиди за политички саботажи нема да ја засенат посветеноста на оваа Влада да работи за подобар живот за сите граѓани затоа што факти не се рушат со лага, се наведува во соопштението од владината прес-служба.
Претходно СДСМ денеска, како што рече портпаролката Богданка Кузеска, открива нов скандал обвинувајќи ја Владата дека повеќе од 400 пожарникари, ангажирани преку општините со месечен надоместок од 24 илјади денари, два месеца по завршување на огласот сè уште не добиле ниту една плата.
Според Кузеска, неспособната власт на ВМРО-ДПМНЕ освен што не успеа да се справи со пожарите сите активности ги сведе на лажен ПР и манипулации.
Според информациите кои до СДСМ ги доставиле свиркачи сите тие 400 млади луѓе што беа примени во август заклучно со 17 септември сè уште немаат земено ниту една плата!
Извори во различни општини информираат дека исплатата е блокирана и не може да се реализира поради изборите, бидејќи станува збор за „вонредно плаќање“.
Кузеска го повика премиерот Христијан Мицкоски да одговори дали овие информации се точни и кој ќе ја преземе одговорноста.
септември 19, 2025