Connect with us

Вести

Извршен увид на местото на пожарот во Трубарево, продолжен притворот на четворицата осомничени

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје и увидни екипи на МВР денеска извршија увид на местото по настанатиот пожар во Трубарево. Увидните дејствија, како што информираат од Обвинителство, се преземаат како во однос на настанувањето на пожарот, така и во однос на складирањето на отпадот на предметната локација, а бил извршено фотографирање и дронско снимање на локацијата.

Од Обвинителство посочуваат дека со оглед на затрупувањето на локацијата од безбедносни причини, увидните дејствија на терен се отежнати.

– По наредба на јавен обвинител, локацијата ќе остане обезбедена и во наредниот период за потребите на постапката. Таму ќе продолжат да се вршат дополнителни мерења на загадувањето од Министерството за животна средина, а на терен ќе излезе и вешто лице од областа на екологијата. Обвинителството и истражните органи продолжуваат да преземаат и други дејствија за целосно испитување на настанот – информираат од ЈОРСМ.

На самото место, сѐ уште е стационирана и противпожарна екипа, бидејќи на дел од локацијата и понатаму се јавуваат повремени чадења и постои опасност од ново разгорување.

Од Основниот кривичен суд Скопје претходно информираа дека судија на претходна постапка, постапувајќи по предлог на ОЈО – Скопје донел одлука со која се продолжува притворот за нови 48 часа за сите четворица опфатени со постапка за пожарот во Трубарево.