Регион
Откажан панел со Брнабиќ во Брисел, Мисијата на Србија в петок ќе прави свој панел

Откако панелот „Србија: Стратешка земја-кандидат на критична раскрсница“, на кој требаше да се обрати претседателката на Собранието на Србија, Ана Брнабиќ, в петок во Брисел, беше откажан, Мисијата на Србија во ЕУ објави својот панел на кој ќе учествува Брнабиќ.
Мисијата на Сарбија на платформата X (@SRBinEU) објави дека „со оглед на непрофесионалното откажување во последен момент на панелот со… Брнабиќ, а од страна на Европскиот политички центар, што беше закажан за 12 септември, што е одлука спротивна на духот на европските вредности, отворениот дијалог и слободата на изразување, Мисијата на Република Србија во ЕУ со задоволство ја користи оваа можност да организира ексклузивна дискусија“.
Панелот ќе биде во просториите на Мисијата на Србија во ЕУ во Брисел на 12 септември, со почеток во 10:00 часот, се вели во известувањето.
Мисијата објави дека тоа ќе биде „разговор за широк спектар на теми“, а беа споменати и преговорите на Србија за пристапување во ЕУ и „актуелната политичка ситуација во земјата“.
Непрофитната организација Центар за европски политики (ЕПЦ) од Брисел го откажа брифингот со Брнабиќ, закажан за 12 септември во Брисел, поради нејзините неодамнешни изјави за ЕУ, јави Бета.
Од Центарот одлучија да не водат разговори со Брнабиќ откако дознаа за нејзините неодамнешни изјави за наводната улога на ЕУ во поттикнувањето протести во Србија, изјавија информирани соговорници за агенцијата Бета.
Беше соопштено официјално дека ЕПЦ мора да го откаже разговорот со Брнабиќ „поради непредвидени околности“, без да ги прецизира.
Брнабиќ требаше да биде единствениот учесник на брифингот „Србија: Стратешки важен кандидат на критична раскрсница“, каде што требаше да зборува за политичката ситуација во Србија, спроведувањето на реформите, усогласувањето со надворешната политика на ЕУ и регионалната стабилност.
Таа сепак ќе биде во Брисел в петок, каде што ќе се сретне со претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, и претставници на Европската комисија.
септември 12, 2025