Connect with us

Регион

Започна новата учебна година во Хрватска, Турција и Албанија

Во Хрватска, Турција и Албанија и денеска започна новата учебна година, со низа новитети, но и со зајакнати безбедносни мерки на одредени места.

Во Хрватска, 445.000 ученици, од кои 36.000 првачиња, се вратија во училиштата, но трендот на опаѓање на бројот на ученици продолжува веќе 12 години.

Околу 4.000 деца не се запишани во прво одделение поради емоционална незрелост и зголемено време пред екрани, според податоците од Министерството за наука, образование и млади. Учебната година е поделена на две полугодија: од 8 септември до 23 декември 2025 и од 12 јануари до 12 јуни 2026, со зимска и пролетна пауза.

Во Турција, околу 18 милиони ученици и 1,2 милиони наставници започнаа со настава во 75.000 училишта. Во Истанбул, каде учат 3 милиони ученици, воведени се засилени безбедносни мерки со 1.496 полициски екипи и бесплатен јавен превоз за учениците до 16 часот.

Првиот час во основните училишта е посветен на заштитата на природата од шумски пожари, а учениците ќе садат фиданки.

Министерот за образование Јусуф Текин најави продолжување на програмата „Образовен модел на турскиот век“ и враќање на задолжителните униформи, додека училишното ѕвонче е укинато во некои училишта.

Зимсккиот одмор е од 19 до 30 јануари 2026, а учебната година завршува на 26 јуни 2026.

Во Албанија, 345.000 ученици, вклучително 26.500 првачиња, ја започнаа учебната година во 30 нови училишта. Воведени се „паметни“ лаборатории за изучување програмирање од прво до четврто одделение, а користењето мобилни телефони е ограничено само на оправдани случаи.

Обезбеден е бесплатен превоз за 38.000 ученици и 12.000 наставници, како и бесплатни учебници за 236.000 ученици од основните училишта.

Албанската полиција ги засили мерките за безбедност околу училиштата, со 400 лица ангажирани за заштита од насилство, дрога и оружје.