Connect with us

Политика

Филипче: Декласификација на документите за прислушкувањето е единствениот начин за расчистување на случајот

ретседателот на СДСМ Венко Филипче повикува на декласификација на документацијата поврзана со прислушкувањето бидејќи, според него, тоа е единствениот начин за расчистување на случајот.

– Во законот јасно пишува дека одговорен за декласификација на документите, доколку постои сомнеж за криминал или злоупотреба, е самата институција, односно АНБ. Значи, од Агенцијата за национална безбедност и од директорот зависи дали тие материјали ќе се декласифицираат или не. Ние бараме да се декласифицираат, да видиме кои луѓе биле пратени, кои групации и зошто, да видиме дали имало прекршување од било кој – ако треба некој да понесе одговорност, вели Филипче во интервју за „Слободен печат“.

Според него, една од причините поради кои власта се противи на декласификација на документацијата можеби е стравот да не излезат на виделина, како што вели, информации за сомнителни странски финансиски извори поврзани со ВМРО-ДПМНЕ.

– Имаше сомнителни извори на унгарскиот кредит, дали се тоа кинески или руски пари, никој не знае. Гледате каков е сојузот помеѓу Русија и Кина на светско ниво. Дел од сознанијата во врска со финансии коишто доаѓаа за време на нашето владеење кон некои структури – исто така. Можеби е тоа една од темите коишто ќе излезат ако се декласифицираат овие податоци сега од АНБ. Мислам дека власта нема да го направи, поради тоа што сметам дека ќе избега од таа тема, вели Филипче.

Во однос на евроинтегративниот пат на земјава и реформската агенда, Филипче смета дека е потребно суштинско враќање на државата на европскиот колосек. Со неспроведувањето на реформите, како што вели, губат граѓаните, а државата губи милиони евра. 

– Македонија е заглавена. Државата тапка во место, додека целиот регион – од Албанија до Црна Гора – забрзано се движи кон Европската Унија. Сè додека Владата бира да не прави ништо, нашите граѓани плаќаат со загубени можности, непочнати реформи и изолирана иднина, вели Филипче во интервју за „Слободен печат“, давајќи остра критика за власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ во однос на евроинтеграциите и реформската агенда. 

Оценува дека од сите неопходни закони, не е донесен ниту еден и дека поради неработењето на Владата, државата изгубила 80 милиони евра европска поддршка – пари кои биле наменети за реформи во правосудството. 

Филипче посочува дека веќе работат на Предлог-резолуцијата која, како што вели, ќе вклучи конкретен механизам за заштита на државните позиции во случај на непринципиелни барања во текот на преговорите.

– Работиме на конкретен предлог, со вклучен временски рок. Решението нема да биде ни наметнато, ни затворено – ќе биде објавено како работна верзија за јавна и политичка дебата, каде сите чинители ќе можат да го дадат својот придонес. Ова не е предизборна игра. Ова е егзистенцијално прашање. Над 70 проценти од граѓаните се за продолжување на патот кон ЕУ. Ако 70 проценти сакаат Европа, нема оправдување за пасивност. Ова не е прашање за дневна политика. Ова е прашање дали ќе бидеме дел од модерна, демократска Европа или ќе останеме заробена држава во чекање, вели Филипче.

Упатува повик до јавноста и до сите политички чинители дека не е време за калкулации и дека нема простор за чекање.

Изразува разочараност и од претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова за која рече дека ја следи партиската линија на ВМРО-ДПМНЕ, наместо да застане на страната на националниот интерес.

– Жалам што претседателката, наместо да биде глас на разумот и уставноста, се приклучи на бранењето на неодговорната политика на ВМРО-ДПМНЕ. Немаме ниту еден заеднички став по ова клучно прашање, а не сме имале ниту континуирана комуникација. Но, тоа не ја намалува нашата одговорност да работиме на консензус, вели Филипче.

Според него, македонскиот јазик, идентитет и култура веќе се заштитени и формализирани преку меѓународни договори, вклучувајќи го и договорот со ФРОНТЕКС.