Вести
Контактните дерматити од растенија и полени – најчесто алергенско заболување на кожата во пролет
Кожните алергии на откриените делови од телото во пролетниот период најчесто се предизвикани од контакт со растенија и полени, но и поради зголеменото сончево зрачење, потење и температурните промени. Освен респираторните алергии, со почетокот на пролетта и промените на кожата се чест придружен елемент за кој исто така е потребна соодветна грижа – сметаат лекарите.
Софија Гугова-Пеева, специјалист дерматовенеролог во ЈЗУ Општа болница со проширена дејност – Гевгелија, вели дека најчесто во ординациите се јавуваат пациенти поради дерматити настанати во контакт со надворешните фактори.
– Најчесто ни доаѓаат пациенти поради контактни дерматити од растенија и полени, кои се јавуваат на рацете, нозете, лицето и вратот. Посериозна е алергијата на истите алергени, која се манифестира системски како уртикарија или копривна треска, при вдишување од тие полени, а се манифестира со појава на уртики или пликови на телото. Присутна појава е и соларен дерматитис, кој е реакција на сонце или на УВ-зраците, и се манифестира на отворените делови на телото како јадеж и црвенило, понекогаш и со отоци, жарење и печење. Во пролетниот период се влошуваат и другите дерматози, како акните, себороичниот дерматит, розацеата, атопискиот дерматит и други – посочува д-р Гугова-Пеева.

Најчести причинители за пролетните кожни реакции се поленот, кој, според медицинската пракса, почнува да се појавува во рана пролет, при крајот на февруари, потоа сончевите зраци и зголеменото УВ-зрачење, како и зголемување на вегетацијата на треви и растенија.
– Примарна терапија се оралните антихистаминици, а во потешките случаи имаме потреба да ги аплицираме и интрамускулно. При контактните дерматити вклучуваме локални кортикостероиди, но по индикација вклучуваме и системски кортикистероиди при посериозните клинички слики кога локалниот третман не ни е доволен. За намалување на симптомите од соларните дерматити, секако, советуваме кремови со висок СП-фактор, кој се препорачува да се користи преку целата година – вели д-р Гугова-Пеева и додава дека за да се спречат кожните реакции, пациентите ги советува при прошетки во природа да носат соодветна облека, која би ги покривала најчесто експонираните делови.
Во областа на дерматологијата најчеста дијагноза поврзана со алергиите е копривната трека, кај нарот позната како копривњача, која според медицинското објаснување ја карактеризираат промени на кожата во облик на црвенила што се појавуваат по допир со коприва. За разлика од контактот со ова растение, кога страда само допрениот дел од телото, копривната трека е заболување што се појавува на повеќе делови од телото, а може да се прошири и на целата кожа.
– Најчести алергиски манифестации во мојата пракса се уртикариите, кои може да бидат акутни и да трааат до 6 недели, или хронични и да траат повеќе од 6 недели. Кај акутните најчесто причини се храна, лекови, козметика, инфект, а хроничните може да бидат од автоимуна природа или идиопатски, кај кои причинителот е непознат и се најтешки за држење под контрола. Следни се контактните алергии кај кои најчест причинител е контакт со детергенти и хемиски средства, како во домаќинствата така и во професионалата експозиција – посочува д-р Гугова-Пеева.

Во секојдневната лекарска пракса во текот на изминатите години забележан е пораст на пациенти со алергии, што, според докторите, истовремено е и глобален тренд. Општото загадување на животната средина, велат тие, како и новиот стил на живеење, се главни причинители за таквата состојба.
– Имаме пациенти од разни возрасни групи, чиј број, како во нашиот регион, така и глобално е зголемен, а тоа е поради комбинацијата од повеќе фактори. Промената во климата, сè потоплото и променливо време прават растенијата и дрвјата да цветаат порано, па поленот да се дистрибуира порано, но и подолго. Загадувањето на воздухот, чадот и издувните гасови прават респираторниот систем и кожата да се поосетливи на алергените. Новиот стил на живеење, кој вклучува таканаречен постерилен начин на живеење или помал контакт на децата со бактерии во помала возраст, исто така има влијание, како и подолгиот престој во затворени простоии и подолга експозиција на мувли, дерматофагоиди и прашина, со што подоцна имунитетот побурно реагира на алергените – вели докторката.
Контактните алергени, потенцира таа, се зголемиле драстично во периодот на ковид-19 поради зголеменото користење сапуни и средства за дезинфекција.
– Оваа навика кај одредена популација продолжува сè уште со прекумерено користење хемикалии поради што се јавуваат пациенти со нови или влошени постојни контактни алергии – вели таа.
Доктор Гугова-Пеева посочува и дека одредено влијание за појавата на алергијата, но не и за нејзиниот тек, носат и генетските фактори или предиспозицијата кај пациентите.
Предизвик со кој лекарите денес се соочуваат се и трендот кај пацинетите често самостојно да прават тестирање на алергиите.
– Алерголошките тестови се прават строго по индикација кога лекарот ќе процени дали се потребни и кои тестови би биле потребни затоа што се зголемува трендот на тестирање кај популацијата по свое барање, без никакви индикации, што сметам дека е исклучително погрешно и се трошат ресурси беспотребно. Во нашиот крај, односно во Општата болница со проширена дејност – Гевгелија се прават RIDA-тестовите на инхалатини и нутритивни алергени. Тоа се ин витро-тестови, каде што се мерат специфични IgE-антитела за тестираните алергени – информира д-р Гугова-Пеева.
Овие тестови, кои се спроведуваат преку земање венска крв, докторите ги посочуваат како безбедни за сите возрасни групи, истакнува д-р Софија Гугова-Пеева, специјалист дерматовенеролог од гевгелиската Општа болница со проширена дејност
март 31, 2026

