Култура
Прилепските мечкари – традиција од преку 100 години за безвременско постоење
Елизабета МИТРЕСКА
Облечени се во кожи. Јагнешки, јарешки, овчи. Накитени на појасот со клопотарци, ѕвонци. Сите тешки, некои стари од век и половина. На главата рогови, на лицето страшни сурати.
Го почнуваат својот обред. Создаваат какофонија од продорни звуци, повеќе застрашувачки, тропаат со стаповите, се вртат во кругови, го засилуваат темпото на обредниот ритуал. Уште повеќе застрашувачки дејствува нагорната линија на ударите на тапаните и пискавиот звук на зурлите.

Стигнуваат Прилепските мечкари.
Ги закочуваат улиците, бараат откуп од граѓаните, ги посетуваат дуќаните. Прво касапите. Оти, тоа е нивниот еснаф.
Така било од памтивека. Така продолжува денес, а ќе биде главна атракција за Велики Поклади – Прочка во Прилеп.
Страшната маска на прилепските мечкари ја носи исконската потреба на човекот да се покае. А покајанието носи бркање на злите духови.

– Касапите речиси цела година колеле јагниња, животни, за потребите на занаетот. Тоа е и голема одговорност. Потребата за покајување за пролеаната крв кулминира со маскирањето за Велики Поклади – Прочка. Ем да се „искупат“ за гревовите“, ем со бркањето на злите духови ќе го најават новиот живот- пролетта, но и големите, Велигденски пости, вели Метко Анастасоски од здружението „Прилепски мечкари“.
Вековните ритуали на Мечкарите дури подразбирале нивно петдневно исклучување во пештери. Без оган, препуштени на своите инстинкти и нагоини.

– Имаме докази дека во 60-тите години Мечкарите, ревносни во своите ритуали, не дозволувале никому да поминат по улиците. Дури, ако не добиеле откуп, превртувале автомобили. Според ритуалите од дамнина, Мечкарите биле пет дена во ритуален транс пред Прочка. Оделе во пештера, имале табу за да запалат оган и пет дена веќе биле подготвени да го изведат ритуалот, објаснува етнологот од прилепскиот Завод и музеј, Александар Цветкоски.
Традицијата на прилепските мечкари е вековна. Здружението „Прилепски мечкари“ веќе дојде до факти и фотографии дека првите групи се собирале уште во далечната 1921 година.

– Од историскиот архив и од постарите граѓани на Прилеп најдовме материјал со кој потврдуваме дека во 1921 година имало организирани поворки на Мечкарите. Фотографиите го потврдуваат тоа. Тоа е голем јубилеј и значи дека постоиме повеќе од 100 години. Овој факт е фасцинантен, вели Ванчо Георгиев, претседател на здружението „Прилепски мечкари“.
Мечкарите се подготвени за уште едно прочкарско дефиле ,за уште еден прочкарски обред кој ја вкоренува традицијата на овие простори. Ги проветрија кожите, суратите, роговите, клопотарците. Ама, времињата носат нови предизвици. Сѐ потешко може да се обноват кожите, главно се наследуваат од постарите, сѐ потешко се стигнува до клопотарците.

– Има проблеми, има мака со набавката на материјалите, ама ние ги набавуваме. Еве, лани набавивме 200 кожи. Проблем е што ги нема во државата. Ги прават самите Мечкари, учесници. Ги наследуваат од татковците, дедовците. А треба да се облечат 60-тина ченови на групата. Нивните дедовци и татковци собираа да се направи добар сурат. И, мислам дека успеваат во тоа. Ние сме единствени и познати, но и одликувани во тоа. Најголемо е признанието од Истернево, Италија, каде мечкарите добија Гран при признание за оригинална маска. Бидејќи, кога отидовме таму, се изненадивме. Италијанците знаат малку повеќе од нас за Маската, отколку што знаеме ние за нас, објаснува Ванчо Ѓеоргиев, претседател на здружението „Прилепски мечкари“.
Прилепските мечкари незапирливо ги претставуваат својот обреден ритуал и традициите. И на годинашниов карневал „Прочка 2026“. Со обврската за 25 години организирано постоење и со фактографската историја од преку 100 години традиција.
А, кој знае. Не се документирале вековите.

И, пак, на Прочка ќе го изведат својот ритуал. Ќе ги бркаат злите духови. Ќе ја претстават, во сета своја „слава“, тешката, над 70 килограми, маска. Ќе ја зачуваат.
И ќе постојат.
февруари 22, 2026

