Connect with us

Свет

Во Германија стапи во сила забраната за продажба на „рајски гас“ на малолетници

Лицата помлади од 18 години во Германија веќе не можат да поседуваат или да купуваат азотен оксид, познат како „рајски гас“, откако денеска стапи во сила новиот закон, јави ДПА.

Супстанцијата сè почесто се користи во Германија како „дрога за забави“, а со новиот закон се забранува купување и поседување азотен оксид за малолетници, додека онлајн-продажбата и купувањето преку автомати за самопослужување се целосно забранети.

Консумирањето на овој гас е поврзано со високи здравствени ризици – од губење на свеста до трајни оштетувања на нервниот систем. Корисниците ја вдишуваат супстанцијата, која инаку се користи во медицината како благ анестетик, преку балони.

Новите строги правила важат и за хемикалиите гама-бутиролактон (GBL) и 1,4-бутандиол (BDO). Овие супстанции се познати како состојки за „нокаут-капки“ кои можат да се додадат во пијалаци и да се злоупотребат за силување.

Синдикатот на полицијата го поздрави законот, нагласувајќи дека употребата на „рајски гас“ нагло пораснала бидејќи претходно не била регулирана, но повика и на национална кампања за подигнување на јавната свест. Законот претходно беше усвоен од Бундестагот и одобрен од горниот дом на германскиот парламент, Бундесратот. 

Маркетинг
Ad 2
Ad 1