Connect with us

Свет

Избори во Унгарија: Власта и опозицијата планираат собири во Будимпешта по завршувањето на гласањето

Цветин ЧИЛИМАНОВ, специјален известувач за МИА од Будимпешта

Со завршувањето на изборната кампања во Унгарија, спротивставените табори се подготвуваат за изборниот ден, но и за собири на кои ќе се следи претставувањето на резултатите. Поради неизвесноста на крајниот исход и спротивставените анкети кои ги објавуваат двете страни, низ Будимпешта се шират стравувања дека се можни инциденти, имајќи предвид дека една страна секако ќе биде незадоволна од исходот.

Портпаролот на Виктор Орбан, Золтан Ковач, предупреди дека е можно поддржувачите на опозициската партија Тиса да ја нападнат резиденцијата на премиерот во замокот Буда. Тиса најави дека нивниот главен собир вечерта ќе биде на плоштадот Батањи, на десниот брег на Дунав, по што Ковач објави мапа со рутата од Батањи до замокот, која е над еден километар низ тесните улички на Буда. „Доколку исходот на изборите биде неповолен за нив, изборот на оваа локација овозможува брза мобилизација на политички чувствително место“, предупреди Ковач.

Поддржувачите на Орбан, пак, се очекува да се соберат на спротивниот, лев брег на реката, кај конференцискиот центар Бална. На двете локации, кои освен што се одделени со реката, се оддалечени над три километри, вчера беа активни екипи кои ги подготвуваа собирите.

Низ Будимпешта се шират шпекулации и за можни собири и инциденти на трета локација – пред Парламентот, на плоштадот Лајош Кошут.

Собирот на опозицијата ќе биде точно спроти парламентот, кој ќе им биде лесно достапен со метро – секако, доколку метрото работи. Во петокот вечер, за време на големиот про-опозициски концерт, дојде до прекин во работата на метрото на централната станица Деак Ференц.

Сепак, доколку исходот на изборите биде неизвесен, можно е објавувањето на конечните резултати и да не се случи вечерва. Причината за ова се очекуваните 400-500 илјади гласови на унгарската дијаспора во Романија и другите соседни земји. Изборната комисија досега примила и обработила околу половина од овие гласови, кои пристигнуваат по пошта. Но, доколку преостанатите гласови на дијаспората се покажат како решавачки за конечниот состав на парламентот, можно е на комисијата да и биде потребно дополнително време да ги прими и преброи.

Маркетинг
Ad 3
Ad 2