Свет
Бабиш со поддршка за Орбан пред утрешните избори во Унгарија
Чешкиот премиер Андреј Бабиш му изрази поддршка на унгарскиот премиер Виктор Орбан во пресрет на парламентарните избори во Унгарија, оценувајќи дека Орбан „секогаш ги бранел унгарските граѓани и националните интереси“, како и дека се залагал за Европа заснована на мир, суверени нации и на конкурентност.
„Го поддржувам Виктор Орбан во недела. Тој отсекогаш се борел за посилна Европа, Европа изградена врз мир, суверени нации, суверени земји-членки, конкурентност“, напиша денеска Бабиш на платформата Икс..
„Во турбулентни времиња, изборот на стабилност и докажано лидерство е поважен од кога било“, додаде шефот на чешката влада.
Бабиш, кој по потекло е од Словачка, од средината на декември владее со Чешка во коалиција со две помали партии од десниот политички спектар. Двајцата лидери со своите партии во Европскиот парламент ѝ припаѓаат на крајно десничарската група „Патриоти за Европа“ (PfE).
Унгарскиот премиер во Европа често е критикуван дека за време на своето владеење систематски ги нарушувал демократските институции, норми и процеси, како и владеењето на правото.
април 11, 2026

