Connect with us

Останати спортови

Ристоски нов тренер на Истанбул ББ

Македонскиот одбојкарски стратег Жарко Ристоски е нов тренер на турскиот прволигаш Истанбул ББ, откако го заврши својот успешен престој на клупата на саудиски Ал Хилал со кого изминатиот викенд ја освои шампионската титула и сезоната ја заокружи со четири трофеи.
Ристоски потпиша едногодишен договор со Истанбул ББ и се враќа во европската клупска одбојка по пауза од десет години, откако претходно работеше како тренер во Швајцарија и Кипар.
„Да се води екипа во едно од трите најсилни првенства во Европа е голем предизвик, особено поради фактот дека во турското првенство во последните три години настапуваат најголемите светски ѕвезди. Турската одбојка, како машката, така и женската, полека го презема приматот на една од најсилните, додека Турската федерација е една од најмоќните и најорганизираните“, изјави Ристоски по официјалната промоција на клупата на Истанбл ББ.
Македонскиот тренер посочи дека доаѓа во клуб со голема традиција и визија.
„Истанбул ББ е клуб со голема традиција, каде акцентот е ставен на работа со млади одбојкари. Тоа е расадник на одбојкари кои потоа играат во националниот тим, односно во најсилните клубови во Турција. Тие водат грижа за иднината на турската одбојка. Тоа е клуб со јасно поставена визија, каде приоритет е правилен развој на младите одбојкари. Костурот на екипата за следната сезона веќе го имам, во моментов работиме на наоѓање на соодветни засилувања со кои ќе се комплетира составот“, додаде Ристоски, кој беше долгогодишен македонски репрезентативец, а воедно и селектор на националниот тим.

Маркетинг
Ad 4
Ad 2