Општини
Одлука на Советот на Општина Кочани: Бесплатен престој во градинка за деца од погодените семејства во трагедијата во „Пулс“
Советот на Општина Кочани на денешната редовна 13 седница, едногласно усвои одлука за целосно ослободување од партиципација за престој во Детска градинка „Павлина Вељанова“ за деца од семјства со повредени или починати во пожарот во дискотеката „Пулс“ што се случи минатата година.
Донесената одлука има за цел да им излезе во пресрет на родители кои се соочуваат со последиците од трагичниот настан.
Станува збор за мерка, која нема временско ограничување и ќе важи во подолг период.
Според информациите од директорката на ДГ „Павлина Вељанова“, Јованка Ефтимова, во моментот оваа одлука опфаќа шест деца – дел од нив од семејства на повредени, а дел од семејства кои изгубиле родител.
-Ова не е краткорочно решение, туку поддршка што ќе важи и во иднина. Нашата цел е да им помогнеме на овие деца и нивните семејства да имаат полесен пристап до грижа и образование, изјави директорката на градинката, Јованка Ефтимова.
Трошоците за престој ќе се покриваат од сопствени средства на установата, односно преку активности со кои градинката обезбедува дополнителни приходи.
За да го користат правото, старателите ќе треба да достават барање со соодветни докази за статусот, по што ќе следува вклучување во мерката.
април 9, 2026

