Вести
Министерството за дигитална трансформација со поддршка од САД за кибербезбедност и инфраструктура
Министерството за дигитална трансформација информира дека со усвојување на заедничка изјава успешно заврши Стратешкиот дијалог помеѓу Македонија и Соединетите Американски Држави во Вашингтон, со конкретни резултати во областа на сајбер-безбедноста и дигиталната инфраструктура.
– Соединетите Американски Држави ја најавија својата намера за обезбедување техничка поддршка за зајакнување на дигиталната инфраструктура на институциите во Македонија преку програмата FALCON (Foreign Assistance Leveraged for Cybersecurity Operational Needs). Во рамки на оваа поддршка ќе бидат спроведени сеопфатни проценки на сајбер-безбедноста на критичната инфраструктура и други важни мрежи, со цел: идентификација на ранливости, препорака на конкретни мерки за нивно отстранување, поддршка при носење одлуки за набавка на современи и доверливи сајбер-безбедносни решенија – стои во соопштението од Министерството.
Дополнително, како што наведуваат, предвидено е ангажирање на сајбер советници, кои веќе се во контакт со Министерството за дигитална трансформација и Министерството за одбрана, со цел зајакнување на националните капацитети за сајбер-одбрана, подобрување на оперативната подготвеност и зголемување на отпорноста на институциите.
– Воедно, САД најавија и поддршка во износ од 5 милиони долари преку програмата за странска помош, наменета за развој на сајбер-капацитети и унапредување на заштитата на одбранбената инфраструктура преку обезбедување опрема и обуки. Овие активности се во целосна согласност со националните приоритети за дигитална трансформација и сајбер-безбедност, вклучително и имплементацијата на Националната стратегија за сајбер-безбедност 2025–2028, како и усогласувањето со европските стандарди, особено со директивата NIS2 – дополнуваат оттаму.
април 9, 2026

